fbpx

Нови судири меѓу бегалци во Грција

-

Само еден ден по насилството и пожарот во мигрантскиот центар на Лезбос, ноќеска избија два нови инциденти со десетици повредени во бегалските центри на островот Самос и во солунската населба Ореокастро.

На Самос со часови имаше насилни инциденти и судири меѓу 150 луѓе, бегалци од Мароко, Алжир и од Пакистан. Покрај физичкото насилство и меѓусебната војна со камења, во судирите беа подметнати голем број мали пожари, кои зафатија и бунгалови во кои спијат бегалци, загрозувајќи десетици мажи, жени и деца. Во судирите се повредени 15 луѓе, од кои еден сериозно, кој е префрлен во болница на друг остров.

Судирите се смирија по интервенција на полицијата. Во полициската акција беа приведени 25 луѓе, од кои голем број се очекува да бидат уапсени и затворени.

Нередите избија во исто време додека на островот имаше конференција за бегалското прашање, на која учествуваа лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, првиот човек на Река, Ставрос Теодоракис, и министерот за внатрешни работи, Панајотис Курублис.

Во исто време, во бегалскиот центар во Ореокастро во Солун, една банална кавга за полнач за мобилен телефон и за користење електричен приклучник меѓу двајца Сиријци прерасна во физичка тепачка меѓу 50 луѓе. Во судирите еден од бегалците извадил нож и нападнал 18-годишно момче, кое е пренесено во болница со повреда на раката.

На Самос има 1.148 бегалци, а во центарот во Ореокастро престојуваат 1.432 бегалци, кои беа префрлени од Идомени.

Вкупно, според официјалните бројки, во Грција има околу 53.000 бегалци.

Зачестените судири во бегалските центри покажуваат дека веќе исчезнува трпението на бегалците, кои со месеци живеат во неизвесност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...