Нови рочишта за „Титаник 2″ и за упадот во Собранието на 27 април


       
Скопје, 27 август, 2018 - 9:32 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случајот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година и за упадот во Собранието од 27 април минатата година.

На денешното рочиште за „Титаник 2“ треба да бидат сослушани сведоците Борис Кондарко, Виолета Дума, Субхи Јакупи и Васил Крстев.

Во предметот обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано и рочиште за случајот за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Судскиот процес започна минатата недела со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на обвинетите.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.

Вкупно обвинети се 33 лица од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.