Нови рочишта за „Монструм“ и „Тарифа“


       
Скопје, 12 јуни, 2018 - 10:35 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да се одржат нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Монструм“ и „Тарифа“.

Судењето за случајот „Монструм“ на СЈО, за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, треба да продолжи со репродуцирање на снимка од исказот на обвинетиот Хаки Азири дадена пред јавен обвинител.

Во пишаниот записник, Азири, кој од заштитен сведок станува обвинет, кажува дека на 12 април ги возел со своето возило „мазда 626“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од обиколница Скопје до неговиот дом и тие му кажале дека извршиле убиство, поради што тој кажува дека е загрижен за својата безбедност и на своето семејство и бара заштита пред судот. Според исказот на Африм, тие пристигнале со црвена „опел омега“ и кога влегле немале оружје, но носеле ракавици и капи.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи и судењето за случајот „Тарифа“ на СЈО, во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „Елем“ Дејан Бошковски и уште други две лица.