!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Новаковски: Со притворот на Василевски, притворени се 60.000 лица кои гласале за него


       
Скопје, 12 јануари, 2018 - 13:49 (META) 

Одбраната на притворениот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски на јавната седница во Апелацискиот суд побара укинување на притворот и одредување на друга мерка или предметот да се врати на повторно одлучување во Кривичниот суд.

На седницата не беше присутен пратеникот Василевски кој е во притвор за учество во насилствата во Собранието на 27 април минатата година. Судот испратил наредба Василевски да биде доведен на јавната седница, но од Истражниот затвор во Шуто Оризари стигнало известување дека Василевски не сакал да дојде.

Претставникот на вишото обвинителство, Наталија Тасевска побара притворот на Василевски да биде потврден и рече дека жалбата на Василевски треба да се одбие како неоснована бидејќи се уште постојат околностите поради кои притворот и му бил првично одреден.

Бранителот на Василевски, Александар Новаковски, истакна дека е прекршена постапката за одземање на имунитетот и дека судот мора да ја исправи таа грешка. Тој посочи дека Василевски бил во Бугарија дента кога му било кажано дека ќе биде приведен за тероризам и тој веднаш доброволно се вратил во државата.

Новаковски наведе дека претресот во домот на Василевски бил извршен незаконски и воопшто не се внимавало на пресумпцијата на невиност. Адвокатот рече дека Василевски воопшто нема намера да бега и дека ако тоа го сакал ќе го сторел во изминатите седум месеци. Како гаранција рече тој Василевски е подготвен да ги депонира обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој рече дека со Василевски во притвор се ставени 60.000 граѓани кои гласале за него како пратеник, а обвинителката Тасевска ваквото тврдење го оцени како несериозно.