!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нова кривична пријава за ексдиректорот на Неврохирургија


       
Скопје, 15 јули, 2017 - 13:41 (META) 

СВР Скопје соопшти дека до Основното јавно обвинителство-Скопје поднел кривична пријава против А.Ч. (57), поранешен директор на Клиниката за неврохирургија во Kлиничкиoт центар „Мајка Тереза“. Го товари за противправно стекнување и прикривање имот.

Според новата пријава, Александар Чапаровски, кој претходно во мај доби кривична пријава за примање поткуп, од 2007 до 2017 година, спротивно на обврската, не ја пријавил својата имотна состојба во Државната комисија за спречување на корупција, за да прикрие, како што вели полицијата, значителен износ пари, недвижен имот и скапи монети.

СВР Скопје, по наредба од Основен суд Скопје 1 и од Основно јавно обвинителство Скопје, во присуство на јавен обвинител, отворило сеф во банка кој бил изнајмен од Чапаровски и во него се пронајдени 199.000 евра, 18.300 американски долари, 21.900 швајцарски франци, 1.500 фунти, 50 бугарски лева, како и паричник со 19 монети од благороден метал и накит, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.

Истражувајќи ја документацијата во Агенцијата на катастар за недвижности е утврдено дека Чапаровски има шест имотни листа за недвижен имот на подрачјето на Скопје и еден имотен лист за недвижен имот во Гостивар.

Чапаровски во мај доби кривична пријава за примање поткуп, а во неговата работна канцеларија беа пронајдени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари, додека при извршен претрес во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9.750 евра и 10.000 денари.