Нова група на стечајци од Штип пред добивање на стечаен надоместок


       
Штип, 5 ноември, 2018 - 14:42 (META) 

Нови 180 стечајци од Штип може да побараат стечаен надоместок од државата, според усвоените измени на Законот за стечајци. Толкав е бројат на работници без решен статус кои ги исполнија законските услови. Тоа се граѓани кои останале без работа со затворањето или приватизација на некогашните државни фирми. Во оваа бројка влегуваат и неколку десетина граѓани, кои до сега беа одбивани поради неисполнувањето на законските услови. Меѓу нив и некогашни работници кои добиле отказ од работодавачот или спогодбено го напуштиле работното место.

Здружението на стечајци „Унит“ ги повика своите членови утре да ги поднесат своите барања во Агенцијата за вработување, од каде почнува постапката за парично обезбедување.

Претседателот на „Унит“ од Штип, Камаладин Арсланов вели дека незгрижени остануваат некогашните работници на фирми кои останале да работат по приватизацијата, но го смениле матичниот број.

-Фирмата се приватизирала, дошле нови газди, кои ги смениле матичните броеви и тоа сега е проблемот за нас – изјави Арсланов.

Некогашните работници од Штип, кои до сега не беа опфатени со измените, реагираат дека останале без работа понекогаш со фалсификуван потпис на спогодбеното отказно решение, понекогаш потпишувале отказ под принуда, со образложение на газдите дека нема работа за нив или од незнаење.

Со последните измените на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, ќе бидат обезбедени околу 3.000 луѓе. Опфатени се граѓани кои останале без работа во периодот од 1 јануари 1995 година до 31 декември 1996 година.

Граѓаните ќе добиваат по 7.596 денари месечно, пари обезбедени од Буџетот на РМ.