!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нов обид за изградба на улица на Кејот 13 Ноември


       
Скопје, 30 април, 2017 - 11:02 (META) 

На кејот на Вардар од утрово има нов обид да се продолжи со изградба на бесмислената улица, а овластениот градежен инспектор на Општина Центар веќе се упати на местото, соопшти утринава преку својот фејсбук-профил, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

„По веќе добро познатото сценарио, избран е ден – недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат. Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано за да се дефокусира јавноста од немилите настани и од дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири. Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на кејот, се очекува и нивната реакција“, напиша Жерновски.

Пред месец и половина, исто така имаше обид да се изгради спорната сообраќајница која ќе го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември, во центарот на Скопје. По бурните реакции на сопствениците на угостителските објекти, градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Еден ден потоа Советот на Општина Центар на вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.