!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Нов бран поскапувања во Грција


       
Атина, 2 јануари, 2017 - 17:32 (META) 

Поскапи цигари, кафе, бензин, телефон и интернет. Ова беше новогодишното пакетче за грчките граѓани бидејќи од 1 јануари стапи на сила мерката за нов бран зголемување на данокот на додадена вредност за голем број производи и услуги. Грчките граѓани овој нов бран поскапување ќе ги чини вкупно една милијарда евра, кои ќе се слеат во државната каса.

Поконкретно, бензинот поскапува за 3 центи по литар, додека нафтата 8 центи по литар.
Поскапува и најмасовно користениот производ во грчкото секојдневие – кафето. Од денеска секоја шолја кафе ќе биде минимум 10 центи поскапа. Килограм кафе во малопродажбата во маркетите и во продавниците за кафе се очекува да поскапи за 25 отсто.

Цигарите ќе бидат поскапи за речиси 30 денари, односно половина евро, додека кесичките тутун ќе поскапат за цело евро, а поскапуваат и електронските цигари. Овие производи се соочуваат со втор бран поскапување, бидејќи цените веќе се зголемија за 20 центи во ноември, а се очекува да поскапат уште плус 30 центи во февруари или март.

Грците од месецов ги очекуваат и поскапи сметки за телефон и за интернет бидејќи овие услуги поскапуваат за 6 отсто.

Зголемувањето на ДДВ, новите даноци, намалувањето на пензиите се очекува да ја направат 2017 уште потешка од 2016 година за грчките граѓани и дополнително да ја ослабат купувачката моќ на просечниот грчки потрошувач.

Голем дел од Грците според истражувањето на Универзитетот „Македониа“ во Солун биле поскромни во трошењето околу празниците. Најголем процент од испитаниците, 85 отсто, изјавиле дека купувале за Божиќ и за Нова година, додека 15 отсто дека не потрошиле воопшто пари за празниците најмногу поради недостигот.

76 отсто потрошиле до 200 евра за празнично купување, 20 отсто потрошиле од 201 до 500 евра, додека минимален процент, 4 отсто, потрошиле повеќе од 500 евра.

Најмногу се трошеле пари за храна, облека, помалку за бела техника, а најмалку за патувања.
Од испитаниците само 24 отсто изјавиле дека патувале за време на празниците и тоа 90 отсто од нив останале во Грција, а само 10 отсто биле во странство.