„Нон-пејперот“ е работен документ и нема официјална важност, рече Дариесек


       
Битола, 31 мај, 2018 - 13:36 (META) 

Државната секретарка во Министерството за вооружени сили на Франција, Женевиев Дариесек, рече дека „нон-пејперот“ што проциркулира низ државите членки на ЕУ, е работен документ кој нема никаква официјална важност.

– Тоа е еден работен документ што нема никаква официјална важност, а знам дека во последно време се пишуваше низ медиумите за него. Треба кон крајот на месец јуни да размислиме за стигнување до вашата конечна цел. Знам дека беше направена огромна работа, ви претстои уште, и свесни сме за напредокот што го постигна државата – одговори Дариесек која денеска во Битола имаше заедничка прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Шекеринска изјави дека Владата е фокусирана на решение на спорот за името и нема да дозволи невнимание да ја уништи шансата.

– Се наоѓаме во многу чувствителна фаза, двајцата министри договорија рамка која мислиме дека ќе биде добро решение и за Македонија и за Грција и ќе биде добра вест за целиот регион. Остануваат последните чекори кои се подеднакво важни и често пати дури и потешки. Очекуваме двајцата премиери да разговараат околу сите детали и за кратко време, доколку има напредок, да имаат и заедничка средба – рече Шекеринска.