!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нобеловата награда за физика за тројцата откривачи на гравитациските бранови


       
Стокхолм, 3 октомври, 2017 - 13:48 (META) 

Годинашната Нобелова награда за физика ја добија Рајнер Вајс, Бери Бериш и Кип Торн, тројцата автори на експериментот ЛИГО, со кој ги открија гравитациските бранови, односно наборите во простор-времето, чие постоење прв го предвиде Алберт Ајнштајн пред еден век.

Една половина од наградата од речиси 1,1 милион долари ја освои Рајнер Вајс, а втората половина ја делат Кип Торн и Бери Бариш, објави Шведската кралска академија на науки во Стокхолм.

Сите тројца научници играа водечка улога во експериментот ЛИГО (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory – LIGO), со кој во септември 2015 година првпат се детектирани гравитациските бранови.

Вајс е професор по физика во пензија на Технолошкиот институт во Масачусетс и најмногу придонесе за концептот, дизајнот и изградбата на ЛИГО.

Ким Торн, професор по теоретска физика на Калифорнискиот технолошки институт, објави теориски дел од работата и изведе клучни претпоставки за тоа како гравитациските бранови изгледаат и како да се препознаат нивните сигнали во податоци, кои ги собрал со телескоп.

Бери Бариш, поранешен физичар за честички на Технолошкиот институт во Калифорнија, многу придонел за почнување на експериментот. Тој го спречи гасењето на ЛИГО во 1994 година, кое се закануваше поради недостиг од средства и ја следеше неговата изградба, како и мерењата во текот на три години.