!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нивото на Вардар на три места во Скопје е критично


       
Скопје, 1 декември, 2017 - 15:45 (META) 

По обилните врнежи што го зафатија Скопје во текот на изминатата ноќ, утрово се состанал штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, за координација на активностите за превентивно дејствување за заштита од можни излевања на реката Вардар во Скопје.

Началникот на штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, Емил Дуровиќ, информираше дека нивото на реката Вардар на три места е критично, и тоа на потегот од скејт-паркот до мостот Слобода кај „Холидеј ин“, под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар. Тој додаде дека околу 10.000 вреќи со песок набргу ќе почнат да се поставуваат на овие критични точки.

Според него, градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото на реката на потегот од мостот Гоце Делчев до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода.

– Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа четири големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода во минута, како и околу 40 помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и за спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника – изјави Дуровиќ.