Нинџа за свои сведоци ги предлага Груевски и бегалците Грујовски и Бошковски


       
Скопје, 27 август, 2018 - 16:37 (META) 

Поранешниот премиер, Никола Груевски, двајцата бегалци и поранешни началници во петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошковски, поранешниот директор во УБК Владимир Атанасовски екс началник во УБК Љубо Петович и Благоја Василевски – обезбедувањето на Груевски се најдоа на листата сведоци на Александар Василевски Нинџа, еден од обвинетите во крвавиот четврток.

Според извори на телевизија „Телма“, со Грујовски и Бошковски кои се избегани во Грција веќе е комуницирано и тие се нафатиле да сведочат во одбраната на Нинџа. Тоа би го сториле по конференциска врска бидејќи не сакаат да се вратат во земјава и очекуваат азил од Грција чиј врховен суд одлучи да не ги екстрадира за случаите на СЈО.

Меѓу сведоците е и братот на Нинџа кој всушност според обвинението го примил телефонскиот повик во Виена каде на 27 април беше службено како телохранител на Груевски.

Сепак судот ќе треба да одлучи кој се ќе може да сведочи како предлог на одбраната. Први ќе сведочат сведоците на обвинителството.

Веќе за в петок судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште ги најави Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Денеска пак сите 33 обвинети се изјаснија дека се невини за делото кое им се става на товар Терористичко загрозување на уставниот поредок.