Медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц ја оцени како конструктивна средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од кого, како што рече секогаш добивал добри совети.
– Го известив за моите активности во Атина и претходно денеска во Скопје во Владата , како и за напорите што ги правам во рамките на ОН за решавање на спорот за името. Се разбира тој добро го познава ова прашање и состојбата со разговорите. Тој ми го презентираше неговиот став, ставот на неговата партија и ставовите на албанската заедница. Разговаравме како би можело да се постигне решение. Ги почитувам неговите гледишта, и како и во минатото, од него секогаш добивам добар совет. Ме увери дека ќе биде конструктивна сила во поддршката на фер и разумно решение – изјави Нимиц по средбата со Ахмети.
Лидерот на ДУИ по средбата изјави дека очекува прашањето за името да добие епилог што е можно поскоро, „затоа што има големо влијание за нашата иднина, но и за мирот, стабилноста и сигурноста“.
Тој рече дека истакнал неколку мислења на средбата и дека очекува компромис што бил бил прифатлив и за македонската и за грчката страна.
– Истакнав неколку од моите мислења, нашите, но и на Албанците во однос на идеите. Ние му даваме целосна поддршка на господинот Нимиц во оваа многу значајна мисија што ја има. Се надеваме, што е можно поскоро, ова прашање да добие епилог, затоа што има големо влијание за нашата иднина, но и за мирот, стабилноста и сигурноста, така што ќе бидеме во постојано поддршка на овој процес – изјави Ахмети по средбата.