This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Thu Aug 16 11:43:21 2018 / +0000 GMT

Нимиц им пишал на Димитров и Коѕиас во пресрет на нивната средба во Охрид




Медијаторот во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц им испратил писмо на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во кое ја опишува актуелната ситуација во преговорите за името, односно точките за кои има согласување и точките за кои има разлики, онака како што тој ги формулирал за време на разговорите во Виена. Дописот на министрите им е испратен во пресрет на нивната нова средба во Охрид, вечерва и утре.

Информацијата за писмото ја објавија весникот „Катимерини“, радиото „Атина984“ и информативниот портал „Њуз247“, повикувајќи се на свои извори.

Грчкото МНР, ниту ја потврдува ниту ја демантира веста во грчките медиуми дека Нимиц испратил допис до Димитров и Коѕијас, јави дописникот на МИА од Атина.

„Според одредени извори, последниот допис на Нимиц ги одразува кристализираните ставови на американскиот дипломат за прашањето, како што тие беа формулирани по последната негова повеќечасовна средба со министрите за надворешни работи на Грција и ПЈРМ во Виена (30-31 март). Истите извори споменуваат дека Нимиц стигнал до точките што треба да бидат параметри на решението“, пишува „Катимерини“.

Радио „Атина984“, пак, објави дека станува збор за претходно одредена и предвидена процедура на медијаторот.

„Двајцата министри се очекува да одговорат на прашалникот што им беше доставен од специјалниот медијатор и да го имаат пополнето до нивната следна заедничка средба“, објави атинското радио.
Post date: 2018-04-11 12:36:28
Post date GMT: 2018-04-11 10:36:28
Post modified date: 2018-04-11 12:36:28
Post modified date GMT: 2018-04-11 10:36:28
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com