!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Николовски: Пожарите се гаснат со стара нефункционална механизација


       
Скопје, 5 август, 2017 - 17:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше на теренот кој беше опожарен во с. Моране, Скопско.

– Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се припадници на армијата, хеликоптерите на АРМ, дојдени се уште два хеликоптери на помош од Бугарија и од Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари – изјави Николовски.

Тој додаде дека поради неодговорното работење на ВМРО- ДПМНЕ, денеска надлежните служби работат во нестандардни услови, со стара нефункционална механизација.

Николовски посочи дека во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подметнати.

– Тоа што сигурно како Влада ќе го направиме, ќе биде реформа во системот за одговор на кризи. Овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред, како и сè друго во нашава земја и веќе нема да се случува – додаде Николовски.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) исто така информираше дека од денеска важи забраната за целосно движење во шуми.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска соопшти дека на територијата на Македонија има активни пожари. Сè уште е активен пожарот во атарот на селото Требовље, кој сега е префрлен во месноста Фојник и оди кон село Близанско.

Сува трева и нискостеблеста шума горат во Калуѓерец и Радуша. Во општина Чашка, на планински предел во селата Лисец и Јаболчиште активни се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

На планинскиот предел во селото Дреново, активен е шумски пожар на непристапен терен за гасење.

Кај селото Копанце, Тетовско, гори сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На терен се ангажирани лица од Територијалната противпожарна единица.