Николовски: Климатските промени ќе ги намалат приносите во земјоделските култури


       
Скопје, 18 декември, 2017 - 13:46 (META) 

Зелениот климатски фонд (ЗКФ) ќе биде главна меѓународна финансиска институција за обезбедување на финансиски средства за поддршка на активности, за ублажување и адаптација од климатските промени во земјите во развој, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на работилницата за искористување на средствата од овој фонд, која овие два дена се одржува во хотелот „Александар Палас“.

Тој порача, дека Македонија треба да ги искористи можностите кои се нудат преку ЗКФ.

– Ќе работиме на изградба на нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење и унапредување на менаџментот на водните ресурси во државата, заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства. Во фокусот ќе биде и унапредување на третманот на отпад и отпадни води, како и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух – рече Анѓушев.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски, рече дека се очекува климатските промени да ги намалат приносите на повеќето култури.

– Зелениот климатски фонд со 6,9 милијарди американски долари, кои се достапни за ублажување и адаптација кон климатските промени, нуди огромни можности за справување со овој сериозен предизвик, а една од главните можности е инвестирање во отпорно на климатските промени земјоделство – рече Николовски.

Постојаниот претставник на Обединетите нации и претставник на УНДП за Македонија, Луиза Винтон посочи дека температурите во последните пет години, на глобално ниво, се просечно највисоки во историјата.

– ЗКФ ќе биде инструмент за потписниците на Парискиот договор, за исполнување на ветувањето, за обезбедување на 100 милијарди долари за финансирање на проекти во врска со климатските промени годишно до 2020 година – потенцираше Винтон.

ЗКФ е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16. Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите Нации.