Николоски за пресудата за Груевски: Судот го спроведе тоа што Заев го напиша


       
Скопје, 23 мај, 2018 - 15:49 (META) 

Денеска видовме во живо како функционира политички суд и како се изрекуваат политички пресуди. Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на прес-конференција посветена на денешната пресуда од две години затвор за Никола Груевски за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“.

Порачувајќи дека судот го спровел тоа што Зоран Заев го напишал, и дека судот го интересира само реализација на политичките нарачки на Зоран Заев и СДСМ за пресметка со сите кои што мислат поинаку, Николоски рече дека станува збор за дело „на кое се смеат сите правници“. Според него, целта била да се дисквалификува Груевски, кој ги зачувувал националните интереси и имал бројни успеси во раководењето со државата.

– Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се: Никола Груевски, кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и сè друго – да се засени и да биде политички дисквалификуван – рече Николоски.