Вирални видеа и улични протести се дел од кампањата против членот 13 на новата Директива за авторски права на ЕУ, со кој ќе се воведе обврска за филтрирање на содржини во моментот кога авторите ги качуваат на интернет (анг. upload filters).

Дел од протестното движење е и младиот германски јутјубер Вилбој кој на 1  март ја објави песната „Ние не  сме ботови“. За неколку дена песната стана вирална, постигнувајќи над 550.000 гледања за само пет дена.

Стихови од  песната беа пеени и на протестот против Член 13 кој се одржа во Берлин на 2 март, каде слоганот „Ние не сме ботови“ беше една од главните пароли заедно со „Филтри за дизел, а не за филтри за аплоуд“, „Спасете го Интернетот“.

Наспроти студеното време и очекувањата на организаторите дека ќе им се придружат околу 500 поддржувачи, над 5.000 демонстранти учествуваа во протестниот марш низ Берлин, извести netzpolitik.org.

-Ние не сме против авторските права. Ние сме против обврзните филтри при качување содржини! – порача во својот говор на протестот Маркус Бекедал, уредник на netzpolitik.org.

 

Според мрежата Европски дигитални права – ЕДРи, последните измени на предлог-текстот на директивата, усвоени зад затворени врати во преговори меѓу Европскиот парламент, земјите членки и Европската Комисија, наместо да ја модернизира областа ќе воведе механизми кои може да ја ограничат слободата на изразување. Главен таков механизам се филтрите за аплоуд (кревање на интернет), кои ќе проверуваат дали некоја содржина ги нарушила авторските права пред воопшто да биде качена на некоја од популарните платформи како Јутјуб.

-Тајните дискусии завршија со најлошата верзија  на „машина за цензура“ што досега сме ја виделе. Граѓаните мора повторно да реагираат за да ги спречат овие филтри кои ја  загрозуваат нашата слобода  да станат реалност – порача Диего Наранхо, виш советник за јавни политики во ЕДРи.

Протестот во Берлин е трет од овој вид, по двата протести во Келн во текот на февруари, на кои учествуваа илјаници  луѓе. Европското движење за спас на интернет #SaveYourInternet планира масовни акции во повеќе градови низ ЕУ на 24 март, со цел да го предупреди Европскиот Парламент да не ги усвои потенцијално штетните законски измени.

Од друга страна, има индиции дека Европската народна партија  (ЕПП) прави напори гласањето за контроверзната директива да го помести за наредната седмица, наместо начелно предвидениот термин во април.