fbpx

Невладините организации бараат да сопрат инспекциите и политичкиот прогон

-

Невладините организации денеска ја повикаа новата власт и институциите веднаш да го прекинат политичкиот притисок на кој, како што рекоа, неправедно и намерно се изложени 20 граѓански организации уште од декември, кога ВМРО-ДПМНЕ повика на „прогон“ на граѓанските организации.

– Бараме и да се провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација, но и да се повлече одлуката на актуелната техничка влада да додели 800.000 евра на граѓански организации, за кои голем дел од јавноста првпат слушна по објавувањето на нивните имиња како примачи на пари од владата – порачаа, во името на 20 граѓански организации, Дона Костуранова од „Младински образовен форум“, Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ и Зекир Абдулов од организацијата КХАМ – Делчево.

Тие посочија дека изминатите месеци овие организации биле под постојан притисок на контролите од Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и од МВР, а на барање на Јавното обвинителство, како и на Агенцијата за финансиско разузнавање и на Државната комисија за спречување корупција.

– Одговорно кажуваме дека како организации својата работа ја вршиме професионално и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно го правиме и пред нашите членови, донаторите и пред граѓаните – рече Костуранова, истакнувајќи дека досегашното искуство на 20 невладини организации говори дека не станува збор за рутински и наменски контроли, туку за наменски контроли за да се нанесе штета на работењето.

Таа додаде дека инспекторите, гледајќи дека сè е в ред во работењето, барале законски дупки за да ги казнат невладините организации. Посочи и дека е сомнително тоа што во ист ден се давале наредби за контроли на неколку невладини организации.

Костуранова соопшти дека  досега се изречени и неколку казни, од кои како впечатлив беше посочен примерот на КХАМ – Делчево, која досега треба да плати 3.500 евра за персонален данок за поделена хуманитарна помош, како и камати за него поради задоцнето плаќање.

– Гледаме еден крајно селективен пристап и хајка на невладините организации. Во општините Делчево, Виница и Пехчево досега доделивме повеќе од 500 бебешки пакети, организиравме обуки на Ромки, организиравме довршување на основно и на средно образование на значителен број лица, обезбедивме возило за брза помош и патронажна служба, организиравме 450 превентивни прегледи и за сето тоа, за работа во полза на ранливите групи, на кои пред сè треба да им помага државата, а тоа го правиме ние, добивме казна од 3.500 евра – рече Абдулов.

Поради отежнатото работење на граѓанските организации, Македонија е изложена не само на ризикот да не добијат помош тие на кои им е најмногу потребна, туку и да загуби голема меѓународна помош, нагласи тој.

Покрај барањето да престане прогонот, неформалната коалиција граѓански организации побара и да се ревидира одлуката на техничката влада во заминување да подели 800.000 евра на непознати граѓански организации, сума која е најголема досега.

– Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините организации, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од кој било што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра, сега се зголемени до 50.000 евра. Поради сите овие причини, бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најкус можен рок – рече Стојановски.

Тој порача дека и покрај околностите и секојдневните притисоци во изминатите пет месеци, граѓанските организации кои се подложени на инспекции сепак не престанале да ја работат својата работа и посочи дека така ќе биде и во иднина.

– Ќе продолжиме да работиме одговорно и во интерес на сите граѓани на Македонија, како контролори на власта и на институциите. Ќе бидеме тука за да се грижиме дека ќе има одговорни институции и фукционално Собрание, отворено за граѓаните, кое ќе врши надзор на власта – рече Стојановски.

Невладините организации во изминатите пет месеци неколкупати се обраќаа до досегашната власт со апел да престане со политичкиот притисок преку инспекциите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...