fbpx

Нетранспарентноста на Европската инвестициона банка и проектите на Балканот

-

Една неодамна објавена вест – дека Европската инвестициона банка (ЕИБ) ја усвоила новата политика на транспарентност – немаше да биде вест, доколку не ѝ претходеше бурна расправа за нетранспарентноста на оваа финансиска институција на ЕУ. За жал, веста не носи нови вести – новата политика на транспарентност на ЕИБ всушност ја потврдува старата нетранспарентност.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

По веста, следеа повеќе реакции за неприфаќањето на предлозите кои во март 2021 година, во процесот на јавни консултации за политиката на транспарентност на ЕИБ ѝ ги дадоа 43 невладини организации  – од држави членки, но и од држави приматели на помош. Тие покрај поголем пристап до информациите и јавност во работата на телата на ЕИБ, бараа поголема транспарентност на целиот проектен циклус и навремено објавување на информациите, како и објавување на податоците релевантни за општеството и животната средина.

И Европскиот омбудсман се занимаваше со оваа проблематика во неколку предмети, кои се затворени во 2020 година, меѓутоа критичарите забележуваат дека и во новиот документ за транспарентност ЕИБ ги занемарува и овие препораки.

Старо-новата политика на транспарентност на ЕИБ не ги зема предвид ниту препораките од Резолуцијата на Европскиот парламент од 2020 година со која се бара поголема транспарентност на Банката, особено во системот на договарање – поддоговарање, објавување на информациите за мониторингот и евалуацијата, како и за самиот избор на проекти. Европскиот парламент посочил дека ЕИБ треба да ја прилагоди својата политика на транспарентност кон нејзините општествени обврски и обврски кон животната средина и климата.

Според Бенквоч (Bankwatch – мрежа на невладини организаци од Централна и Источна Европа кој следи проекти на јавни финансии), со ваквата политика, ЕИБ не ги почитува меѓународно признатите стандарди за транспарентност на слични банки.

Една од клучните забелешки е што ЕИБ и натаму нема да има обврска да ги обелодени заемите под 50 милиони евра што ги пласира преку посреднички финансиски институции. Според ЕУобсервер, во 2020 година, третина од портфолиото на ЕИБ било составено од кредитни линии за финансиски посредници „целосно скриени од очите на јавноста“. Сметајќи ги овие проекти за проекти со „низок ризик“, ЕИБ им препушта на посредниците – комерцијалните банки, инвестициските фондови или државните банки – дали да објават информации за нив или не.

И веројатно оваа вест не би била интересна за нас доколку не постоеше и едно истражување на Бенквоч од 2017 година кое ги опфаќа посредничките институции кои пласирале средства на ЕИБ за хидроелектрани во државите во Југоисточна Европа (опфатени се државите од Западен Балкан, како и Хрватска, Словенија и Бугарија).

Ниедна од контактираните посреднички институции кои потврдиле дека користеле средства од ЕИБ не објавила податоци за користените средства на нивната веб страна, а некои го игнорирале истражувањето.

Покрај тоа, истражувањата на Бенквоч покажуваат дека таквото кредитирање поддржува проекти со висок ризик, вклучително и мали хидроенергетски проекти во чувствителните области (национални паркови, заштитени подрачја, итн.) во Југоисточна Европа.

Само да потсетиме дека континуирано македонските невладини организации кои дејствуваат во областа на заштитата на животната средина, како Екосвест, Фронт 21/42 и други, многу често заедно со европски невладини организации од оваа област, се застапуваат да запре финансирањето на нови мали хидроцентрали и средствата да се насочат кон обновливи извори на енергија кои немаат негативно влијание врз природата.

Доколку проектите што ЕИБ ги пласира во регионот во износ под 50 милиони евра, се мали пари за ЕИБ за кои нема обврска да ги објави, сигурно не се мали пари за државите од регионот. Зашто, по правило, не се работи само за пари на ЕИБ, или на другите финансиски институции и донатори, туку се работи за финансиска конструкција во која секако учествуваат државите од регионот.

А во крајна линија, и не се работи за сумата на пари, туку за принципот на транспарентност и одговорност кон животната средина и за трошење на средствата. Очигледно, не можеме да бидеме глуви и да чекаме европските пари по автоматизам да обезбедат транспарентност и одговорност. Ќе мора и сами да ја бараме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...