fbpx

Нетранспарентноста и корупцијата во судството се како „брат и сестра“

-

Судството во земјава има проблеми со аспектот на транспарентноста на судските постапки во сите негови фази, а не е исклучено дека зад тоа може да се крие и корупцијата во сите нејзини форми и облици. Ова е генералниот заклучок што го извлековме од нашите соговорници истражувајќи само еден, но многу значаен аспект од корпусот сегменти во судска постапка кои треба да обезбедат фер и правично судење за секого – универзални права на човекот.

Д-р Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, вели дека кога нема транспарентност, секогаш има простор за сомневање дека нешто е матно:

58_mirjana-lazarova-trajkovska„Без поговор, транспарентноста е еден од елементите на правото на правично судење. Нетранспарентното, затскриено од очите на јавноста работење, секогаш остава место за сомневање дека нешто недозволено се случува, особено кога тоа е поврзано со очекувањата за правда и правично судење. Европскиот суд за човекови права низ судската пракса многу често повторува дека не е доволно правдата да биде изречена, таа треба да биде видлива и препознаена. Затоа транспарентноста во постапувањето на судовите е поврзана со целиот тек на постапката и особено со изрекувањето на пресудите и при тоа секоја правосилна пресуда мора да биде и објавена. И најдобро срочената пресуда ако не е донесена во транспарентна постапка и ако не е јавно објавена и со тоа обзнанета, води кон повреда на правото на правично и фер судење, но особено остава простор за сомневања од корупција“. (види разговор со Трајковска објавен подолу во рамка).

Слично мислење има и претседателката на Транспаренси интернешнл – Македонијад-р Слаѓана Тасева:

Taseva malaМислам дека прашањето е комплексно и може да се одговори на повеќе начини, но дека сепак може да се воспостави директна поврзаност помеѓу корупцијата и нетранспарентноста, односно исклучувањето на јавноста од судските постапки – вели Тасева која ова го врзува пред сè со недостатоците утврдени со нефункционирањето на АКМИ-системот за распределба на судските предмети.

Системот за електронска распределба на судските предмети кој требаше да обезбеди независно определување на судијата кој ќе суди по определен предмет, сосема затаи,односно беше злоупотребен до степен што предметите се распоредуваа кај судии кои однапред се предодредени за да донесат посакувана одлука… Анализата на 12 правосилни судски случаи која Транспаренси Интернешнел ја објави минатата недела,покажа дека судските постапки формално се водат во склад со Законот за кривичната постапка, овозможено е присуство на јавност, а на обвинетите им е овозможен пристап до бранител и до доказите. Она што најчесто се случува е судските одлуки да не бидат добро образложени, да не се земаат во предвид решителните факти или доказите предложени од одбраната, сето тоа оправдано со слободното судиско уверување… Се носат необразложени пресуди, кои понатаму се потврдуваат во другите судски инстанци. Овде би можеле да воспоставиме по директна врска помеѓу корупцијата и работата на судството – вели Тасева, додавајќи дека проблем со јавноста и транспарентноста има и кај Јавното обвинителство (види разговор со Тасева објавен подолу во рамка).

ЦветановЈавноста се исклучува со „класифицирани“ документи

Дека нетранспарентноста и исклучувањето на јавноста во една постапка имаат врска со корупција, нема никакво сомневање за Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување на перење пари (денес Управа за финансиско разузнавање), еден од раководителите на невладината организација што се занимава со истражување и презентирање на случаите на жртвите од правосудниот систем во Македонија Зелена Лупа, но и директен учесник во судска постапка во која е осуден како виновен:

25594309_1796119060681218_2788185917651579286_nАпсолутно да (нетранспарентноста и корупцијата се поврзани – н.з.). Па тоа цело време го зборувамКако на директно засегната страна во судска постапка бев оштетен во делот на транспарентност во постапката, од причина што мојата презумција на невиност беше сериозно нарушена во медиумите со информациите дека сум извршил серија кривични дела, помеѓу кои и шпионажа, а судот не дозволи јавноста да ја слушне мојата одбрана. Јас лично барав и инсистирав да биде присутна јавноста за време на давањето на исказот за мојата одбрана, каде што дадов гаранција дека одбраната ми е подготвена десет дена пред денот на рочиштето и дека во одбраната нема никаква класифицирана информација или било каква друга причина за исклучување на јавноста, но обвинителката се изјасни за исклучување на јавноста, затоа што имала прашања од класифициран карактер…

И Цветанов како и Тасева, смета дека пресудите не се доволно образложени, а притоа се изрекуваат огромни казни, кои потоа по автоматизам се прифаќаат и од повисоките судови:

Во пракса, читањето на пресудите е прекратко, односно се остава многу мал дел на образложението на пресудите. Се  читаат генералиите на осудените, кривичните дела за кои се осудени, висината на изречените казни, и многу мал дел од описот на сторените елементи на кривичното дело… Многу малку време се посветува на опис на доказите кои го докажуваат битието на кривичното дело, што остава сомнеж за објективноста на постапката. Не се образложува ниту причината за висината на изречените казни. Се читаат како од шега пресуди по 8, 11, 14 години затвор, а судот не троши воопшто енергија за да ги образложи причините за толку високите казни, и во случаи каде што за првпат им се суди на обвинети и каде што истите казни би можеле да бидат, 1, 2 или 5 години затвор.

Она што е најзабележително е што во поголем дел во писмено изготвените пресуди не се наведени изведените докази и одлучувачките факти, тоа го толерираат повисоките судови и луѓето се наоѓаат во затвор. (види разговор со Цветанов подолу објавен во рамка).

Иако нема доволно докази за поврзаноста на корупцијата со нетранспарентноста на судските постапки, простор за недоверба и сомневање има, заклучува и адвокат Натали Петровскаизвршна директорка на Коалицијата сите за правично судење, и раководител на проекти за мониторинг на судски постапки од областа на организираниот криминал и корупција:

NataliНедоволната аргументираност и несоодветната образложеност на решенијата со кои се исклучува јавноста, како и нивно јавно необјавување, оставаат простор за сомневања и темна дамка на институциите за правилно постапувањенеопходно е да се пристапи кон дополнително истражување на ова прашање, за што неопходен ќе биде и ангажманот на надлежните државни институции (види разговор со Петровска објавен подолу во рамка).

 

Јавноста се исклучува дури и за општи расправи

Веројатно за пошироката јавност терминот транспарентност на судска постапка е магловит термин. Сепак неговото значење е огромно. Многу корисна литература во таа насока е анализата  Транспарентост и отвореност: осовременување со судскиот систем во Македонија, издадена од Институтот за европски политики (ИЕП) и Хелсиншкиот комитет за човековите права во РМ (ХКЧП).

Транспарентноста е поширок поим околу сè што се случува во една судска постапка, многу значајна за странките во постапката – обвинителот и обвинетиот, а составен и голем дел од транспарентноста е јавноста. И тоа јавноста, во смисла на јавна судска постапка, но и од аспект на пошироката јавност – присутни медиуми кои со генералната јавност треба да ја искомуницираат судската постапка, а со тоа да придонесат со дополнителна гаранција дали еден судски процес бил фер и правичен или нешто не чинело, па од таму и се донела неправедна и погрешна или вистинска судска одлука.

Новинарот Васко Маглешов од Макфакс, кој се специјализира за следење на проблемите во правосудството и следење на високо профилираните случаи во судските постапки има доста забелешки на комуникацијата на судовите и судиите со новинарите, но и на исфрлање на новинари од судски постапки, дури и кога се од општ јавен интерес:

Тоа неодамна се случи во предметот на специјалното јавно FireShot Capture 442 - Vasko Magleshov - Кога ќе уловиш дека к_ - https___www.facebook.com_photo.phpобвинителство „Тврдина 2“. Во текот на главната расправа кога требаше да бидат изведени доказите од УБК, судијката Лидија Петровска по барање на СЈО и обвинетите службенички, ја исклучи јавноста, бидејќи информациите се класифицирани. Слично беше и во предметот „Шпион“. Освен во кривичниот суд, пред 2 години Уставниот суд ја исклучи јавноста, а се расправаше за измените на Законот за помилување – вели Маглешов. (види разговор со Васко Маглешов подолу во рамка).

Тој како пример ги наведува и процесите во кои е обвинет екс-премиерот Никола Груевски:

Кај нас судиите им забрануваат на снимателите да го снимаат судискиот совет, иако таква одредба не постои никаде, дури ни во судскиот деловник. Дополнително, со уредни дозволи од Врховниот суд, дел од судиите во Кривичен (Скопје 1), одлучуваат да не дозволат снимање на обвинетите, за случаи кои се од јавен интерес. Затоа долго време беше невозможно да се сними екс-премиерот Груевски како седи на обвинителна клупа.

Како позитивен пример од неодамна тој го истакнува судијата Иван Џолев, претседател на најголемиот кривичен суд во државата Основен суд Скопје 1, кој почнал да одржува редовни брифинзи со новинарите.

Проблемите се детектирани одамна, а ги видел и Прибе

Проблемите со транспарентноста во судските постапки во Македонија се одамна детектирани од сите страни – и од самото судство и од странките во постапката и од јавноста и невладиниот сектор, но и од оние што нè оценуваат дали сме за во ЕУ или стандардите ни се прениски. ЕК и врз основа на експертските извештаи на Рајнхард Прибе (првиот во 2015 и вториот во 2017), имаат забелешки на транспарентноста и фокусот, пред сè, го ставаат во Судскиот совет на РМ и на Врховниот суд.

Но, забелешки на транспарентноста имаат пред сè и претставниците на стручната јавност и многу невладини организации, кои со години ги набљудуваат судските процеси во земјата.

Меѓу последните претставени документи на оваа тема  беше Анализата на мониторингот на судските постапки од областа на организираниот криминал и корупцијата, на Коалицијата сите за правично судење. Во нејзе, во делот за јавноста на постапките се вели:

„Доколку се погледнат податоците од набљудуваните расправи, може да се забележи дека јавноста била исклучена од 8% од одржаните расправи. Иако ова претставува мал дел од вкупниот број на набљудувани предмети, сепак изминативе 3 години статистиката бележи пораст на бројот на расправи на кои била исклучена јавноста“.

Во Анализата се објаснува дека порастот се должи на зголемен број постапки каде се испрашуваат загрозени сведоци или каде што материјалите презентирани во судот подлежат на одреден степен на тајност, но се нагласува и дека законодавецот предвидел низа други мерки (член 228 до 232 од ЗКП), за заштита на сведоците, како што се прикривањето на идентитетот, испитување преку видео врска со заматен лик и сл., а сé со цел да се овозможи исклучувањето на јавноста да биде извршено само по исклучок, во најнеопходните случаи.“

Но, доколку овој индикатор на зголемување на исклучената јавност некако и може да се објасни, никако не може да се разбере влошување на еден друг индикатор за транспарентноста – необјавување информации за судски предмети и јавно неистакнување на времето и местото на судењата кои е потребно да бидат јавно објавени на таблата надвор од судницата.

„Доколку се погледнат податоците од изминатите три години забележително е наглото назадување во поглед на транспарентноста оваа 2017 година, каде за прв пат бројот на расправи каде не било јавно објавено времето и местото на одржување е поголем од бројот на расправи каде времето и местото на одржување на расправите било јавно објавено“ – се наведува во Анализата, во која има и конкретна препорака:

Препорака: Подобрување на степенот на јавноста и транспарентноста на судовите преку јавно објавување на времето и местото на судските расправи, како во рамките на веб страната на судовите, така и во самите судските згради.

 Необјавување на пресуди – праксата подобрена, но сè уште лоша

Во Вториот мониторинг извештај од проектот Реформи во судството спроведуван од три невладини организации (ИЕП, Институт за човекови права и Здружението на млади правници), се наведува и проблемот со необјавувањето на судските одлуки. Еве што забележале за периодот октомври – декември 2017 г.:

Сите судски одлуки треба да се објавуваат на судскиот портал, меѓутоа се поставува дилема колку од нив се објавуваат, односно колку редовно се врши тоа. Според податоците од октомври – декември 2017 година, Управниот суд има најголем број објавени одлуки, Основниот суд во Неготино, суд со основна надлежност, нема објавени одлуки, додека Основниот суд Скопје 1, кој е суд со основна и проширена надлежност, има објавено само 18 одлуки, што е нереално, со оглед дека станува збор за еден од најголемите судови во државава. Основниот суд Скопје II, суд со основна и проширена надлежност, има објавено само 193 одлуки. За разлика од ажурноста на објавување на судските одлуки, ССРМ, како ефикасни и ажурни судови ги има оценето Управниот суд и Основниот суд Скопје I, додека како неефикасни и неажурни Основниот суд Скопје II и Основниот суд во Неготино. На судскиот портал објавени се аноминимизирани и неанонимизирани одлуки, без информација дали се правосилни

Васко Маглешов има поцелосни податоци за судскиот портал, за цела година за некои од судовите:

На веб-страницата на кривичниот суд во Скопје, како најголем суд во државата, лани, за целата година се објавени вкупно 325 пресуди. За споредба, на веб-страницата на судот во Струмица за истиот период се објавени 1887 пресуди, а судот во Кочани објавил 973. Ова симболично укажува на фактот дека судот е бавен и дека транспарентноста е заглавена. Необјавувањето на спогодбите кои станале пресуди е посебна приказна. Од судиите, пак, на веб-страницата има само име и презиме, информација за материјата по која постапуваат и датум кога се избрани. Веројатно повеќе податоци може да се најдат за агенти на УБК.

Необјавувањето на судските пресуди на порталот или нивно објавување со задоцнување (а тие се објавуваат по закон откако се донесени и им се предадени на странките во постапката), им создава проблем и на адвокатите и на нивните странки. Во Првиот мониторинг извештај од Проектот Реформи во судството е наведено дека истражувачите спровеле анкета по електронски пат со 1700 адвокати, при што добиле фрапантни податоци:

Според 55% од испитаниците, судовите ретко или никогаш не ги објавуваат судските одлуки во законските рокови (се мисли на изрекувањето на одлуката). Уште полоша е состојбата со писмената изработка на одлуките. „Дури 60% од адвокатите одговориле дека одлуките ретко или никогаш не се изработуваат во законските рокови“.

Според истото истражување „дури 47% од адвокатите одговориле дека нивните странки изразуваат некакви сомнежи во однос на причината за доцнењето. Исто така, 31.7% од адвокатите одговориле дека странките бараат од нив да ургираат за побрзо донесување на одлуката“.

Една од нашите соговорнички ја запрашавме дали може да издвои позитивен пример којшто би требало да го следиме од Европа или од светот во однос на транспарентноста кон општата или стручната јавност во однос на судските постапки. Натали Петровска без дилеми го посочи американскиот модел со електронскиот пристап до судските документи (списи) и податоци, е- платформата PACER:

Оваа веб платформа која е функционална во САД, во овој момент е можеби и најоптималното софтверско решение кое би можело да се земе во предвид и кај нас, бидејќи на истата, на пример, се складираат и чуваат сите судски документи (скенирани во својот оригинален примерок) и податоци, до кои секој граѓанин има слободен пристап за симболичен паричен надомест, па оттука истата е и самоодржлива – вели Петровска.

Ако американската платформа ја споредиме со нашиот судски портал (www.sud.mk), може да се забележи разлика „од земјата до месечината“, фигуративно кажано. Не функционираат многу линкови, не може да пребарувате функционално и едноставно, итн, едноставно како информациите намерно да се сокриваат.

Судовите и медиумите – (не)пожелна некомуникација

Правосудството генерално, особено судството има многу мала доверба во јавноста и често во истражувањата за перцепциите на корупција се наоѓа на врвовите на листите на институциите. Овој впечаток особено се засили во последните три години кога започна објавувањето на прислушуваните разговори од страна на опозицијата, па формирањето на Специјалното јавно обвинителство и постапките што ги покренуваше и се уште ги води пред судовите. Сето ова произлегува пред сè од искуството на граѓаните со правосудните органи, но елемент што кумува е пожелната или можеби за третата власт „пожелната некомуникација“ со јавноста, пред сè преку медиумите. Колку пати во јавноста може да се слушне онаа грда сентенца – судската одлука не смее да се коментира или другата – одлуката е донесена врз основа на слободно судско уверувањеили третата – не смееме да даваме никакви информации бидејќи предметот е во таа и таа фаза…Примери има бројни.

Д-р Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија го кажува сосема спротивното:

Обврската за објавување на судските пресуди е воведена заради транспарентноста на судските одлуки, но и за да се даде можност на стручната јавност да коментира за начинот на кој се напишани пресудите, а особено за нивната заснованост на решителни факти и издржаност и за подобрување на судската практика.

Начинот на работа на СЈО со јавноста од самиот почеток па до денес, со мали исклучоци, практично покажа каква треба да биде вистинската комуникација со јавноста. Судовите (и обвинителствата), се затскриваат во однос на таквата комуникација со немање време, со ненаоѓање потреба, со измислени божем законски бариери, некогаш додуша и во коализија едни со други, со немање капацитети. Ретки се судовите кои имаат функционални портпароли, ретки се судовите кои редовно објавуваат известувања до јавноста, иако таа пракса полека почнува да се менува:

„Основните судови Скопје I и Скопје II, Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд редовно објавуваат соопштенија за јавноста, што укажува на транспарентното работење на овие судови. Во текот на извештајниот период известувања до јавноста имаат и Вишиот управен суд, Управниот суд, Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Штип, како и основните судови во Велес, Кавадарци, Битола, Ресен, Прилеп, Струга, Берово, Делчево, Струмица, Виница. Она што е карактеристично е дека различни судови даваат различни информации како соопштение до јавноста“ – забележале набљудувачите за периодот од последните три месеци од 2017 година

Оваа материја – комуникација на судовите со медиумите и новинарите е регулирана со Европската конвенција за пристап до јавни документи. Како што било забележано на стручна расправа „Унапредување на транспарентноста во судството во РМ“ што се одржа на 25 април 2017,  Република Македонија иако уште во 2009 година ја потпишала оваа конвенција, сè уште ја нема ратификувано.

„Препораките во Конвенцијата ја нагласуваат важноста медиумите слободно да известуваат и коментираат за кривично – правниот систем, почитувајќи ја презумпција на невиност, судските и полициските органи да им даваат точни информации на медиумите без нивна дискриминација, да им се обезбедат седишта на новинарите во судниците, снимањето во судница да биде согласно закон и  со дозвола на релевантните судски органи почитувајќи ги правата на сите присутни, новинарите да имаат право на копија од јавно изречените пресуди и др“ – се забележува во стручната публикација Транспарентност и отвореност: осовременување на судскиот систем во Македонија.

И пред оваа Конвенција Советот на Европа го расправал ова прашање. Советот на Министри на Советот на Европа оваа материја ја разгледувале во 2003 година, при што донел препораки за земјите членки, меѓу кои е и Република Македонија:

Отвореноста на судовите, изразена преку јавните судски расправи и јавно изрекување на одлуките е важен дел на правото на фер судење. Транспарентните постапки, меѓу другото, се и начин за одреден вид на контрола врз судството.

Многу често судските власти во поглед на нетранспаретноста оправдувањето во јавноста го пласираат со мали судски буџети, со недоволен кадровски потенцијал или со немање доволно големи и технички опремени сали,  а во однос на навременоста на објавувањето на пресудите или за непоставувањето на судскиот портал и нефункционирањето на линковите, оправдувањата оделе до таму дека, фигуративно, „нема доволно хардвер“… Меѓутоа, ниту еден од овие аргументи ама баш ништо не им значи на странките во постапките, ниту пак на граѓаните на Република Македонија кои сакаат да видат целосно функционална трета власт во која ќе имаат доверба. Нашите соговорници се сигурни дека најголемата причина е немање доволно политичка волја.

Натали Петровска која како адвокат е и директен учесник во судски постапки, вели дека странките не смеат да имаат разбирање, затоа што вината е на друга страна:

Недостигот на простор и опрема директно влијае на јавноста, транспарентноста и на правото на фер и правично судење, па оттука странките не би требало да имаат разбирање во ситуација кога им е загрозено ова право, кое е загарантирано со Уставот на РМ, процесните закони и Европската конвенција за човекови права. Од погоре изнесеното, неопходно преостанува да се изведе заклучокот дека станува збор за недостиг на свесност за големината на проблемот, како и недостиг на волја и менаџерски способности на надлежните институции.

И д-р Мирјана Лазарова Трајковска е децидна дека државата е должна транспарентноста да ja претвори од форма во суштина:

Неспорно е дека државата мора да обезбеди услови во судниците за транспарентно работење и тоа зависи и од правилно менаџирање на одговорните лица во судовите, но и од волјата да се приближи правдата до јавноста, до граѓаните. Правото на правично судење не смее да биде теоретско и замислено, туку практично остварливо и ефективно... Тоа значи дека транспарентноста во работењето на судовите не е само процедурална обврска која зависи од имање или немање волја на судиите или од политичката волја, туку таа е законска и конвенциска обврска и содржана е во сите аспекти на правото на правично и фер и судење. Видливоста и важноста правдата да биде препознаена и спознаена, не остава простор за правдања поврзани со технички и просторни услови – вели д-р Мирјана Трајковска.

Не е одвишно на крај да се повторат две работи:

a) Немањето транспарентност може да укажува на корупција – сомневање и тврдење што го искажаа сите наши соговорници.

б) Функционалната транспарентност во судските постапки и генерално во правосудството е обврска на Република Македонија произлезена и од Уставот и од неколку закони, но и обврска од потпишаните ратификувани и нератификувани конвенции, а секако и услов што мора да се исполни од Поглавјето 23 од претпристапните преговори со Европската унија, доколку политичките елити што ја водат земјата сакаат таа да стане членка на ЕУ. За желбата и мислењето на граѓаните нема никакво сомневање.

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Теофил Блажевски, како дел од грантот на Проектот на УСАИД за граѓанско учество за „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција”. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...