Непал им забрани на планинарите да се искачуваат на Монт Еверест без придружба


       
Катманду, 30 декември, 2017 - 16:53 (META) 

Непал им забрани на планинарите без придружба да се искачуваат на планинските врвови, вклучително и Монт Еверест за да се намали бројот на несреќи со смртни последици, пренесува „Би-би-си“.

Новите безбедносни мерки им забрануваат на слепите планинари и на оние кои имаат две или повеќе ампутации да се искачуваат на највисокиот врв на светот.

Оваа година рекорден број на планинари се обиделе да го освојат Монт Еверест, што довело и до зголемување на бројот на несреќи.

Во текот на овогодинешната сезона загинаа шест лица, меѓу кои и 85-годишен планинар кој се обиде да ја врати титулата за најстаро лице кое успеало да се искачи на Монт Еверест.

Според новите правила, странските планинари на патот кон највисокиот врв на светот ќе мораат да имаат водичи.

Повеќе од 200 луѓе загинале од 1920 година досега во обид да го освојат Монт Еверест, а најголем број на загинати планинари е забележан во 1980 година. Најголем број планинари настрадале во лавини, поради падови или од недостаток на кислород.