!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нема реална слика колку администрација имаме, регистарот не работи


       
Скопје, 13 август, 2017 - 14:41 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) нема официјална и веродостојна бројка на вработени во јавната администрација бидејќи регистарот за вработените не функционира, односно во него нема податоци од сите државни институции, а и оние што ги има, постојат сомневања дека голем број од нив не се уредно пополнети.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој истакна дека дополнителен проблем е и тоа што Министерството, согласно Изборниот законик, мора да достави податок до Државната изборна комисија за бројот на вработени во јавната администрација.

Како што изјави министерот, во Македонија има 1.302 институции, од кои 197 не побарале согласност за систематизација со МИОА и за нив нема никакви податоци.

Според Манчевски, 150 институции имале одобрена систематизација, но таа не била активна, односно овие инстутиции никогаш не внеле податоци.

Поради овие недостатоци, потенцираше министерот, министерството до Државната изборна комисија вчера доставило податоци добиени со вкрстување на базите на податоци од повеќе различни институции и се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор.

– Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика. Согласно тоа, МИОА не може да гарантира за целосна веродостојност на податоците, но сметаме дека доставените податоци ќе одговорат на потребите на Државната изборна комисија за распишување на локалните избори – рече Манчевски.