fbpx

Нема да имa референдум за депонијата во општина Свети Николе

-

Повеќе од два часа расправа се одвиваше вчера попладне, главно за тоа кој згрешил, а кој наводно не знаел, што сега во Советот на Општина Свети Николе се разгледува иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ за распишување општински референдум. На овој референдум, што би се одржал заедно со претседателските избори, граѓаните би се изјаснувале за изградбата на регионална депонија. Опозицијата бара граѓаните да го кажат мислењето за тоа што политичарите одамна го потврдиле низ потпишан документ, со кој се се дава согласност за изградба на регионална депонија за 18 општини, близу селото Мечкуевци.

ВМРО-ДПМНЕ, чиј градоначалник во 2017 година ставил потпис на овој документ, вината ја префрла на сегашниот градоначалник од СДСМ, Сашо Велковски. Според советниците на опозицијата, Велковски целата своја кампања на локалните избори ја базирал на ветувањето дека Свети Николе нема да дозволи депонија во својот атар.

-Ова прашање е поголемо од нас, и чии последици нема да траат година или две, туку граѓаните ќе го чувствуваат во наредните 30-тина години. Претходната локална самоуправа сметала дека депонијата треба да се гради и е апсолутно легитимно да се има мислење. Сегашната локална власт и градоначалникот во предизборната кампања жестоко го нападнаа тоа мислење и веројатно поради тоа граѓаните го поддржаа и очекуваме сега да се изјаснат за референдумот – рече Бојан Митев, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Велковски се осврна на потпишаните документи и обврската што ја презела Општината со потписите на согласноста за изградба на депонијата од неговиот претходник и директорот на јавното комунално претпријатие.

-Очигледно дека во тоа време не биле прашани граѓаните, да се види што ќе каже народот и дали е задоволен и дали се сложува со тоа.  Наместо тоа, во 2017 година се донесува одлука и на овој Совет, за кој сте дале согласност и вие, господине Митев, а одеднаш сега се иницира тоа народот да се праша. Вакви документи се обврзувачки и не можеме да избегаме – одговори градоначалникот Велковски, кој цитираше дел од договорот, со кој се предвидува плаќање пенали во случај проектот да не се реализира, преку надоместување на штета за сите до тогаш направени активности.

-Со овој договор, целиот проект вреден 36 милиони евра е ставен во функција – рече Велковски.

Наместо обвинување за тоа кој што направил во минатото и обвинување за тајност при носење на овие одлуки, да се разговара за референдум преку кој граѓаните ќе кажат што мислат, предложи советничката од ВМРО ДПМНЕ, Оливера Арсова.

-Дали седниците на Советот се јавни? Да, јавни се. Дали сегашната власт, а тогашната опозиција имаше свои претставници? Тие учествуваа во работата на седниците и гласаа со „за“ или „против“. Не знам од каде обвинувања дека правиме нешто скришно и тајно зад грбот на граѓаните? Сте имале време да го поништите договорот. Си најдовте добра тема за кампања и максимално ги сензибилизиравте граѓаните и ветувате дека нема да дозволите изградба. Ова ви е можност да го прашате народот сега – рече Арсова.

На ова претседателот на Советот, Кире Алексов потсети на укажувањето на финансиските штети што со раскинувањето на договорот може да ги сноси општината, но и на фактот дека Уставниот суд поништи општински референдуми, па иста таква судбина може да има и светиниколскиот.

-Иницијативата е добронамернаm за сите граѓани, но ако бевме искрени, мислам дека иницијативата требаше да ја поднесете многу порано. Сами сте свесни дека со денот на распишување на pретседателските избори, ние влеговме во цајтнот – кажа Алексов.

На крај, со гласање „воздржано“ мнозинството предводено од СДСМ не ја прифати иницијата за распишување локален рефрендум во Свети Николе.

Проектот со изградбата на регионална депонија е пред реализација на терен, по годините работа на административно – технички работи. Парите за изградбата се обезбедени од Европската Унија и во него учествуваат сите општини од Свероисточниот и Источниот плански регион. Иако Свети Николе е во Вардарскот регион, само за овој проект со депонијата е издвоен и влезен во двата региони.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...