fbpx

Нема абер од дезинфекција на поплавените подрачја во Пелагонија

-

И по месец и половина од големите поплави во Пелагонија, нема абер од дезинфекција и од дератизација на загрозените подрачја. По објавувањето на нови случаи на туларемија во земјава, жителите на Пелагонија стравуваат за безбедноста на своето здравје. Граѓаните бараат одговор од надлежните институции зошто досега не е покрената акција за чистење на теренот. Според нив, по поплавите глувците од нивите се засолниле по нивните штали и во напуштени куќи, а онаму каде водата е застоена, се шири неподнослива реа особено кога дува ветер.

– Десеттина села беа под вода во општина Могила, домови, куќи, штали, а досега нема никаква најава за прскање на објектите со средства против глувци и инсекти. Од друга страна, лани цело лето мака мачевме со белите глувци, коишто толку многу се намножија што не само нивите, туку ни ги нападнаа и шталите и амбарите. Бевме во Општината, барвме итна дезинфекција и дератизација и само ни велат „почекајте“. До кога? Она што се случува со глодарската чума во Штипско може да тропне и на наши врати – реагира Кире Неделковски, земјоделец, жител на селото Вашарејца.

Од Општина Новаци потврдуваат дека досега не е почната акција за дезинфекција и за дератизација на поплавените објекти по селата. Оттаму велат дека водата е повлечена од најголем дела од поплавените површини, но најава за споведување на акцијата нема.

– За два дена се очекува конечно да заврши процената на штетите во нашата општина. Засега е потврдено дека четири куќи и 16 други објекти биле целосно поплавени. Потоа ќе мора да се направи дератизација и дезинфекција за да се спречат евентуални болести што би можеле да ги предизвикаат поплавите и наездата на глувци – вели градоначалникот на општина Новаци, Лазе Котевски.

Од Центарот за јавно здравје во Битола, пак, велат дека се чека процена на штетите од објектите, па дури потоа ќе се знае во кои објекти по поплавите ќе треба да се интервенира.

Оттаму потврдуваат дека Министерството за здравство побарало од нив извештај за тоа кои средства и препарати им се потребни за справување со инсектите и со глодарите, но немаат потврден одговор кога би можело да се комплетира целата постапка и да се почне со дезинфекцијата и со дератизацијата на поплавените подрачја.
Според епидемиеолозите, застоените водени површини во Пелагонија по големите поплави би можеле да ги вратат во овој регион болестите од пред половина век, како маларијата, лајшманиозата, а во поново време и западнонилската треска.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...