!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Неколку илјади граѓани со знамиња и со транспаренти маршираат за слобода


       
Скопје, 11 октомври, 2016 - 15:14 (META) 

Неколку илјади граѓани со знамиња и со транспаренти, денеска излегоа на улиците на Скопје и се приклучија на маршот за одбележување на Денот на востанието – 11 Октомври, кој се одржува под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“

На чело на маршот, кој почна пред новите канцеларии на Специјалното јавно обвинителство на улицата Франклин Рузвелт, беше раководството на СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешниот претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, но и активистот Влатко Васиљ, сопственичката на МИТ, Биљана Апостолова и други.

Граѓаните, по двете коловозни ленти на булеварот Партизански одреди, придружувани од звуци на тапани и извици „Слобода, слобода“, се движат кон Собранието на Република Македонија, каде четворица ќе одржат говор, меѓу кои Заев, лидерот на најголемата опозициска партија.

Иницијатори на граѓанскиот марш се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, новинарите Томислав Кежаровски и Атанас Костовски, активистот Влатко Васиљ, актерката Ирена Ристиќ, музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири и припадничката на Сојузот на борци, Вера Бунтеска.

Тие пред протестот порачаа дека ќе се маршира за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја.

„Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност“, рекоа претходно организаторите.