!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НБРМ: Инфлацијата се засилува, слаб пораст на економијата


       
Скопје, 12 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Констатирано е одредено засилување на инфлацијата во јуни, ликвидноста на банките благо се зголемила, а економијата забележала слаб пораст. Износот на благајничките записи, пак, ќе се намали.

Тоа се главните сознанија од комисијата за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Во поглед на редовното преиспитување на ликвидноста на банките,  по зголемувањето на бројот на благајничките записи од почетокот на март до првата декада на јуни, е донесена одлука на денешната аукција на вакви записи да се понудат помалку записи од достасаниот износ.

По стагнацијата во првото тримесечје од годинава, констатирала комисијата, високофреквентните показатели покажале засилување на економијата во месеците од април до јуни, што се должи на порастот на индустриското производство и на порастот кај трговијата. Сепак, овој заклучок се темели на нецелосни податоци, се предупредува во соопштението од НБРМ.

Констатирано е и дека во јуни инфлацијата умерено се засилила во однос на предвидената стапка од 1,5 отсто, при што во првата половина од годинава цените просечно се зголемиле за 0,9 отсто. Цените на храната најмалку учествувале во тој пораст, односно тие или минимално се зголемиле или, пак, останале на исто ниво или се намалиле.

Значителна промена е забележана и кај вкупните депозити на месечна основа во јуни, наспроти нивното намалување во првите пет месеци од годинава.

Кредитната активност на банките во претходниот месец бележи пораст.