fbpx

НБМ со „денаризација“ ќе се бори против „евроизацијата“ на Македонија

-

Владата и Народната банка подготвија Стратегија за денаризација на Македонија во која се утврдени мерки за намалување на евроизацијата на земјата. Во стратегијата се вели дека одржувањето висока стапка на евроизација, како типичен феномен за транзициските економии и земјите во развој, е долгорочна карактеристика и на македонската економија.

„Препознавајќи ги негативните ефекти од евроизацијата и ризиците врзани со неа, Народната банка и Министерството за финансии редовно преземаат мерки за денаризација на економијата и намалување на склоноста за располагање со странска валута. Анализите покажуваат дека досегашните мерки даваат резултати, што е видливо преку постепеното ублажување на стапката на евроизација. Сепак, последната политичка криза покажа дека чувствителноста на шокови е голема, па економијата станува ранлива. Со носењето на оваа стратегија се потврдуваат заложбите за натамошно јакнење на довербата и ширењето на употребата на домашната валута, што ќе придонесе за намалување на стапката на евроизација како значаен фактор за одржување стабилна економија и здрав банкарски сектор“, се вели во стратегијата.

Во неа се објаснува дека евроизацијата во Македонија датира уште од времето на монетарното осамостојување и низ годините се среќава во различни форми, како: трансакциска (кога странската валута се користи како средство за размена во домашните трансакции), реална (кога странската валута се користи како средство за вреднување на добрата и услугите) и финансиска (кога странската валута ја има улогата на средство за штедење).

„Трансакциската евроизација е поврзана со постоењето на сивата економија, односно со извршување на нерегистрирани плаќања во евра (за стоки и услуги), за што како факт може да посочи високото ниво на приватни трансфери, односно приливите во менувачкото работење, коишто веројатно во дел потекнуваат од овие трансакции. Реалната евроизација, пак, е поврзана со склоноста за прикажување на високите вредности на стоките и услугите во странска валута (недвижности, автомобили, туристички аранжмани, кредити и сл.)“, пишува во стратегијата.

Овие два вида евроизација се тешко мерливи. Од друга страна, за финансиската евроизација постои соодветен показател за нејзина оцена, односно учеството на депозитите и кредитите со валутна компонента во вкупните депозити и кредити на приватниот нефинансиски сектор, соодветно.

Така, мерено според показателите за финансиска евроизација, македонската економија влегува во групата високо евроизирани економии. За периодот декември 2001 година – декември 2016 година учеството на депозитите со валутна компонента во вкупните депозити на приватниот нефинансиски сектор изнесува 52,9 отсто, во просек, додека вкупните кредити со валутна компонента зафаќаат околу 50 отсто, во просек, од вкупното кредитно портфолио на приватниот сектор.

Во стратегијата меѓу мерките за намалување на високата евроизација се предвидени координирана монетарна и фискална политика насочени кон постигнување стабилна екстерна позиција и натамошно одржување на девизните резерви на адекватното ниво, монетарна стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот во однос на еврото, диференцирање на стапките на задолжителна резерва од валутен аспект, активно користење на макропрудентните мерки за регулирање на одобрувањето потрошувачки кредити со валутна компонента за физички лица и финансиска едукација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...