fbpx

Навредливите книги за Албанците не можат да се коригираат, ќе потикнеле „етнички тензии“

-

Сé уште не е познато кога ќе се коригира делот со навреди кон Албанците во книгите по историја и географија, за втора година средно образование. Со користењето на овие книги, „Порталб.мк“ напиша, дека се прекршува Законот за основно и средно образование.

Но, според министерот за образование и наука, Арбер Адеми сега не е време да се направи корекција.

„Јас велам дека сега не е време, ниту постои атмосфера за да поттикнеме етнички тензии. Тоа се стари теми, и тоа стари рани од порано, од пред неколку години“, рече министерот Адеми за „Порталб.мк“.

Тој не дава гаранции дека ова ќе биде направено за време на ревидирањето на книгите во Мешовитата комисија Македонија – Грција – Бугарија, процес кој што веќе е во тек.

„Треба да се завршат некои процеси со нашите соседи, кога ќе имаме конечни резултати таму, и овде ќе го разгледаме ова прашање, а потоа ќе се донесе најсоодветното решение. Не можеме да го предвидиме исходот. Кога ќе имаме конечни резултати со нашите соседи, тогаш ќе видиме како ќе дејствуваме“, рече Адеми.

Инаку, спорната содржина на овие книги беше истакната во рамките на Форумот на балканските граѓански организации „Градење мостови помеѓу земјите од Западен Балкан“ што се одржа во октомври 2018 година.

По форумот „Порталб.мк“ го праша премиерот Зоран Заев, дали ќе побара од министерот за образование и наука да ги повлече книгите.

„Не ги знам деталите. Ќе разговарам со Адеми. Подетално ќе ви одговорам, дали е така како што велите, и доколку е така, ќе ви кажам кога ќе бидат повлечени, како ќе се повлечат и слично“, рече Заев во октомври 2018 година.

Тој посочи дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за коригирање на некои од школските учебници. Меѓутоа, меѓу нив не се навредливите учебници, туку учебници по предметот музика.

Учебниците по предметите географија и историја, препечатени во 2009 година, имаат политичка позадина, навредлива содржина и ја искривуваат историјата на државата и на етничките групи кои живеат во Македонија. Беше побарано да се изработи нова наставна програма, но дотогаш книгите треба да се отстранат од употреба. Книгата „Географија на Република Македонија“, за втора година средно образование, има седум контроверзни моменти од историјата на Македонија.

На страна број 99 се вели дека „Албанците биле Македонци, но во времето на османлиското владеење станале Албанци. Албанците од Македонија се потомци на Черкези, Роми и Турци“. Во многу делови од книгата, вклучувајќи ја и страна број 104, се вели дека „Албанците во Македонија се дојдени во различни временски периоди, почнувајќи од 1780 година“.

На страна 104 има заеднички точки со „Сердарот“ на Глигор Прличев, каде се вели дека „Албанците се доселиле во Македонија, малтретирајќи ги физички, крадејќи, киднапирајќи и убивајќи локални Македонци“. Пишува дека за ова на Албанците им помагала турската влада. На страна 103 „Албанија се претставува како окупатор на Западна Македонија“.

Грешки има и за потеклото на малцинствата, бидејќи таму се ставаат сите како дојденци, создавајќи впечаток дека во Македонија нема автохтони народи. Според Законот за учебници за основно и средно образование, член 14 наведува дека ако грешките се над 30 проценти, се подготвува нова наставна програма.Повлекување на учебникот побара и групата ученици на средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во рамки на Унијата на ученици Албанци, но и покрај ветувањето на членовите Албанци во Министерството за образование и наука, книгата сè уште е во рацете на учениците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше...