Нацрт-амандманите треба да се достават денеска, Заев најави помеѓу 4 и 7 амандмани


       
Скопје, 2 ноември, 2018 - 9:43 (META) 

Денеска истекува рокот кога Владата треба да ги достави до Собранието нацарт-амандманите за промена на Уставот според Договорот од Преспа. Нацрт-амандманите денеска ќе се најдат на владина седница, а потоа ќе бидат доставени до Собранието. Вчера премиерот Зоран Заев имаше уште една средба со осумтемина пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”. Тој рече дека бројот на амандмани ќе биде помеѓу четири и седум, но потенцираше дека секој пратеник може да поднесе амандмани на нацрт-амандманите.

-Остануваме отворени за се што е во духот на Договорот за да го направиме инклузивен овој процес и да обезбедиме поголема согласност во македонскиот парламент за заедно да застанеме зад заокружување на договорот од Преспа. Верувам дека имаме фер и праведен договор и времето ке потврди дека сме на вистинската страна – рече Заев.

Крсто Мукоски кој е член на новата Независна пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ рече дека на средбата со Заев го усогласиле текстот на нацрт амандманите кои ке бидат инкорпорирани во Уставот.

-Добивме уште еднаш согласност од премиерот дека имаат разбирање за нашите амандмани и дека ќе бидат прифатени. Владата утре има состанок наутро, по што новата пратеничка група ќе излезе со текстот на амандманите – нашите нацрт амандмани што ги предложивме се однесуваат на зајакнување на македонскиот идентитет, на македонското културно и историско наследство и на македонскиот јазик, вториот амандман се однесува на обезбедување на гаранции за спроведување на целиот договор, односно нестапување на сила на уставните измени ако Грција не го ратификува Договорот во својот парламент и не го ратификува протоколот за влезот во НАТО и третиот амандман се однесуваше за внатрешната употреба на името – со нашиот предлог се предлага сукцесивна примена на новото име односно со отворање и затворање на поглавјата за кои треба да преговараме за влез во ЕУ на тој начин ќе биде и преименувано името – рече Мукоски.

Со доставувањето на Нацрт-амандманите во Собранието, почнува да тече рокот од 30 дена до одржувањето на собраниската седница. Комисиската расправа најверојатно ќе почне на 6 ноември, а пленарната на 3 декември. За гласање во оваа фаза е потребно мнозинство од пратениците, односно 61 глас.