НАТО-интеграција: Силни институции и вистински информации (Видео+инфографик)

Само за еден и пол месец се појавиле 25 веб-страници со идентични имиња како постоечки медиуми, но со лажни вести, вели националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски. Заедно со манипулациите и реакциите на социјалните мрежи, тие фрлаат сенка врз вистинските информации, кои се достапни, но стануваат недоволно видливи

Повеќе од 25 години членството во Северноатлантската договорна организација (НАТО) е деклариран врвен стратегиски приоритет на Република Македонија и на секоја нејзина влада. Собранието на 23 декември 1993 година, со консензус на сите парламентарни партии, ја донесе одлуката за членство, која имаше огромна поддршка од граѓаните. Досега никогаш сериозно не било оспорувано ниту учеството на трупи на АРМ во НАТО-предводени операции, ниту во кои било други мисии надвор од територијата на Македонија, а Собранието, надлежно да го одобри секое ново испраќање војници во мисија, веќе 16 години само рутински ги изгласува новите одлуки за испраќање воени контингенти.

Но, во пресрет на референдумот за изјаснување за Договорот со Грција и членството во НАТО и ЕУ, јавноста, особено на социјалните мрежи, е преплавена со дезинформации и погрешни толкувања на вистинските информации за членството на Македонија во НАТО. Меѓу најчестите теми со кои се манипулира е дека Македонија, како членка на НАТО, ќе треба да испраќа војници да војуваат во странство и дека ќе треба да одвојува многу пари за членството. Покрај дезинформациите, манипулациите и спиновите, вистинските информации, иако достапни, стануваат помалку видливи.

Хиперпродукција на лажни вести

Само во период од еден и пол месец биле регистрирани 25 веб-страници со идентични имиња како медиуми, но со „контра-вести“ и дезинформации, вели Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО и поранешен советник за национална безбедност на двајца македонски претседатели. стево пендаровски

– Тоа е дел од таканаречените хибридни закани, а една од главните се лажните вести. Бевме сведоци на жестока антизападна пропаганда, во која исклучоци се претставуваа како правила. Тука има две нивоа, или групи. Има домашни актери, не тврдам дека тоа е опозицијата, иако слично функционира, но има и екстрарегионални сили. На пример, еден субјект кој на последните избори доби 1.500 гласови,сега дава 23.000 евра за билборди. За 1 и пол месец се регистрирани 25 веб страници со идентични имиња како медиуми, но контравести. Јас сум скептичен дека локална сила може да ги продуцира – смета Пендаровски.

Западните медиуми, а особено високите западни политички претставници, за војната со лажни вести ја обвинуваат Русија. Домашните политичари се придружуваат во сомнежите, но, според премиерот Зоран Заев, за тоа немаат докази.

Војници и пари

Две најчести тези со кои се манипулира во врска со членството на Македонија во НАТО е дека, ако стане членка на Алијансата, земјата ќе треба да испраќа војници да војуваат во странство и дека членството и финансиски скапо ќе ја чини државата, која ќе мора да го зголеми буџетот за одбраната и „да плаќа за членството“.

Но, Македонија веќе 16 години учествува во воени операции во странство, а статистички половина АРМ веќе била во мисија. Во текот на сите овие 16 години, Македонија учествува во операции предводени од НАТО во Авганистан – мисијата на Меѓународните безбедносни сили – Авганистан (ИСАФ) од 2002. До 2015 година, и новата операција „Одлучна поддршка“ од 2015 година до денес.

исмет рамадани

Финансиската „цена“ на членството ја коментира Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет на Македонија.

– Не е точно дека чини многу. Напротив. Сега небото на Црна Гора го чува НАТО. Ние, на пример, нема да треба да купуваме авиони, нашето небо ќе го обезбедува НАТО – посочува Рамадани.

Според препораката на НАТО усвоена на самитот во Кардиф, Велс, во 2014 година, членките до 2024 година треба да достигнат буџет за одбрана во висина од 2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Македонија тој процент го одвојувала секоја година до 2008 година, од кога почнува намалување на буџетот, кој во 2014 година бил преполовен, и до годинава беше под 1 отсто од БДП.

Тезата на Рамадани ја потврдува и Данијела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска во Република Македонија

– Што се однесува до буџетот за одбрана, во случајот на Хрватска, двапати е поевтино кога сте дел од НАТО. Ние за одбраната издвојувавме повеќе од 4 отсто од БДП кога бевме сами – вели Баришиќ.

Членството носи функционални институции

Зборувајќи за тоа што се сменило во Хрватска со членството во НАТО, Баришиќ нагласува дека државата добила функционални институции.

Промената во функционирањето на државните институции како најзначајна компонента ја нагласува и Горан Илиќ, декан на правниот факултет на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

горан илиќ1

– Суштествено е што во интеграциите прво се отвора поглавјето за владеење на правото. Секаде каде што било отворено, било ветер во грб за демократските институции. На долг рок, со интеграцијата треба да го трансформираме општеството. Да добиеме не силни лидери, туку силни институции – вели Илиќ.

Пендаровски го потврдува тој став.

– Ќе мора да одговориме на тие стандарди. Придобивките веднаш ќе ги имаме. Со првото отворено поглавје ќе имаме напредок во функционирањето на институциите а и свеста се менува, одговорноста се менува…

Тој додава дека уште една важна компонента на евроатлантските интеграции е нивното влијание врз меѓуетничките односи.

– Со членство меѓуетничките односи рапидно ќе отидат во позитивна насока. Оската на безбедност во Македонија лежи во меѓуетничките односи. Од крупните проекти, ова е единствениот кој не не дели. На пример, Црна Гора пред влезот во НАТО беше поделена по етничка линија – вели Пендаровски.

Информации има, ама треба да се погледнат

Во пресрет на референдумот, Пендаровски и Баришиќ беа дел од говорниците на низа трибини, најчесто организирани од граѓанскиот сектор, чија цел е да ја информираат јавноста за интеграциските процеси. За членството во НАТО секојдневно се зборува и во рамки на предреферендумската кампања, на партиски митинзи, на собраниската говорница, на прес-конференции, на социјалните мрежи, „во чаршијата“… Но, во морето толкувања и ставови, вистинските информации тонат. Медиумите фактите за членството во НАТО ги пренесуваат главно известувајќи за настани. Фактите формално се достапни и преку државните институции. На пример, и Министерството за одбрана (http://morm.gov.mk/?page_id=261&lang=mk), и АРМ (http://www.arm.mil.mk/baza/misii/misii.html) на своите веб-страници имаат податоци за операциите во странство, за буџетот (http://morm.gov.mk/?page_id=39285), јавните набавки, клучните документи и низа други информации поврзани со НАТО-интеграциите и Алијансата, но очигледно е потребна нивна популаризација, односно повидливо пласирање на информациите до пошироката јавност.

Автор: Игор. К. Илиевски