НАТО и ЕУ со разочарување за прогласувањето армија на Косово


       
Брисел, 14 декември, 2018 - 13:06 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска порача оти е разочаран од одлуката на косовскиот парламент да ги донесе законите со кои Косовските безбедносни сили (КБС) ќе се трансформира во армија и покрај забраната од алијансата. Реагираше и Маја Коцијанчич, портпарол на ЕУ за надворешни работи и европска соседска полиција и проширување.

-Иако трансформацијата на КБС во принцип е нешто за кое одлучува Косово, ние јасно ставивме до знаење дека потегот доаѓа во погрешно време – порача Столтенберг.

Тој рече дека НАТО и понатаму, преку КФОР, останува посветен на безбедноста и сигурноста на Косово и стабилноста на Западен Балкан.

-Сите страни мора да осигураат дека денешната одлука нема дополнително да ги зголеми тензиите во регионот. Сите одговорни политички актери мораат да се сосредочат на напредокот на реформите и дијалогот – истакна шефот на НАТО.

Тој повторно ги повика Белград и Приштина да останат смирени и да се воздржат од какви било изјави или акции кои би можеле да доведат до ескалација на односите.

Коцијанчич порача дека ЕУ, исто како и НАТО, продолжува да го држи ставот дека мандатот на КБС смее да се смени само преку инклузивен и постепен процес во согласност со уставот на Косово.

– Европската Унија очекува Косово да продолжи да ги исполнува своите обврски според Првиот договор скучен во Брисел во април 2013 и неговите безбедносни одредби – рече Коцијанчич.