!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Напладне продолжува тензичната собраниска расправа за разрешувањето на Зврлевски


       
Скопје, 12 август, 2017 - 10:30 (META) 

Денеска напладне Собранието на Република Македонија треба да ја продолжи шестата седница, на која се расправа за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Вчерашното, осмо продолжение од собраниската расправа за разрешувањето на јавниот обвинител во најголем дел помина во реплики и контрареплики помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и во процедурални забелешки. Пратениците на опозициската партија тврдеа дека предлогот за разрешување на Зврлевски е политички реваншизам на премиерот Зоран Заев и бараа наместо за разрешувањето да се расправа за пожарите, за Законот за јазиците, за Стратегијата за бегалците, како и за задолжувањето на земјата.

На моменти, на вчерашната седница имаше и тензична атмосфера, особено меѓу 19 и 20 часот, кога пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се собраа околу говорницата спорејќи со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а Илија Димовски ја извлече картичката на собранискиот спикер, по што тој повика обезбедување, а потоа даде едночасовна пауза.

Инаку, Собранието го чека мислењето од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, треба да се изјасни околу примената на членот 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик во врска со расправата за разрешувањето на Зврлевски, односно дали законодавниот дом може да расправа по оваа точка во период кога се рапишани локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври.

Членовите на Антикорупциската комисија, како што информираа од Комисијата, в понеделник се враќаат на работа, по годишните одмори, кога се очекува да го разгледуваат барањето и да дадат мислење.