Петтото продолжение на конститутивната седница поминува во меѓусебни надмудрувања на политичките партии и во давање процедурални забелешки, наместо во расправа за точката на дневен ред, односно за избор на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања.
Најстариот пратеник во Собранието, Бранко Маноиловски од ДУИ, ги повика пратениците да ги остават партиските интереси и да работат во интерес на граѓаните на Македонија.
– Првпат доаѓам во Собранието и забележав голема нервоза кај вас. А од далеку е јасно како ова може да се реши, но ставаме пречки од интереси и од убедувања. Сето тоа е залудно. Вие сите сте прекрасни. Дајте да ги исфрлиме тие интереси и да бидеме едно. Би сакал да видам еден вид мост, едно разбирање меѓу вас. Само малку смирете се сите партии, оставите ги партиските интереси на страна – рече Маноиловски.
Дискусијата почна со Томислав Тунтев од СДСМ, кој посочи дека 110 дена се крши собраниската процедура и 60 дена не може да се формира влада.
– Повеќе од два месеца граѓаните трпат недонесување закони, нерешавање на горливите проблеми. Колку и да повторуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, не можат да убедат никого дека има некаква платформа. Фактите и вистината не може да се сменат. Има програма на новата реформска влада, предводена од СДСМ и, притоа, ниту една одреденица во неа не се коси со Уставот – рече Тунтев.
Пратеникот Ферид Мухиќ рече дека во Македонија треба да се расчисти преминот од авторитарна свест кон граѓанската демократска свест.
Павле Богоевски ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не дебатираат за Комисијата за избори и за именувања туку дека штитат криминал.
Претседавачот со седницата и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, неколкупати на пратениците им ја прочита третата точка на дневен ред, односно изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и ги замоли да расправаат по таа точка.
– Денеска е петти ден, има пријавено 50 пратеници за збор, поминати се само двајца, а процедурални забелешки имаше преку 100. Ве молам да се придржувате на дневниот ред, но ваше право е да имате реплики и контрареплики – рече Вељаноски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, рече дека нормално е граѓаните да реагираат и да излегуваат на протести затоа што била изиграна нивната волја.
– Народот има дилеми и нормално е дека народот реагира. Врз основа на резултатите од изборите, се предложи Комисијата за избори и за именувања каде што мнозинство има коалицијата што победи на изборите, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е нормална реакција кога некој се обидува по изборите да ја изигра волјата на народот. Која цена СДСМ ја плаќа за да дојде на власт и за да оформи влада – праша Илиоски.
По низата процедурални забелешки што ги бараа пратениците, претседавачот на Собранието, Вељаноски, даде пауза до 15 часот, кого ќе продолжи седницата.