Најмногу дожд во Куманово и Скопје, поплавени куќи и прекини на струјата


       
Скопје, 7 мај, 2018 - 9:27 (META) 

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово, 36 литри на метар квадратен и во Скопје – Петровец – 34 литри на метар квадратен, информираат од УХМР.

Во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје пристигнале дојави за поплавени објекти во скопските села Црешево и Стајковци.

Невремето, во одредени делови од Скопје, предизвика проблеми и во одвивањето на сообраќајот, како и времени прекини на снабдувањето со електрична енергија.

Според најавата од УХМР, попладне поинтензивни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со можна појава на град.