!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Најголемата мерка на доверба е деблокада на интеграциите, му порача Иванов на Коѕиас


       
Скопје, 31 август, 2017 - 19:28 (META) 

Најголемата мерка што ќе влијае на меѓусебната доверба и ќе создаде уште подобра атмосфера е Грција да ги деблокира евроатлантските процеси на Македонија и да овозможи да не ѝ се ускратува правото на просперитет, истакнал претседателот на државата, Ѓорге Иванов, на средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој денеска е во посета на земјава.

Иванов и Коѕиас, како што соопштија од кабинетот на претседателот, разговарале за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Грција. Македонскиот претседател оценил дека интензивирањето на севкупната соработка меѓу двете земји ќе придонесе за создавање позитивна клима за надминување на разликите околу името.

„Македонскиот претседател го реафирмираше интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателот Иванов изрази надеж за средба со претседателот Прокопис Павлопулос, и покрај неговите чести критики кон Република Македонија, и изрази очекување дека реториката во иднина ќе биде поумерена заради унапредување на добрососедските односи во духот на европските вредности и стандарди“, стои во соопштението за средбата.

Иванов истакнал дека очекува грчкиот премиер Алексис Ципрас да учестува на самитот на Брдо-Бриони процесот, чиј домаќин следната година ќе биде македонскиот претседател.

Двајцата соговорници размениле мислења и околу можниот развој на мигрантската криза, при што Иванов изразил подготвеност за продлабочување на соработката меѓу разузнавачките и полициските служби.