!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Наградата „Прличеви беседи 2017“ за поема, врачена на Зоран Пејковски


       
Охрид, 5 февруари, 2017 - 18:18 (META) 

Денеска во Охрид, во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи 2017“, беше претставен лауреатот и му беше врачена „Прличевата награда“ за 2016 година, на поетот Зоран Пејковски, за поемата „Македонски стар и нов завет“.

– Пејковски, како автор, се одважил да ја доближи македонската историја до сите легенди и приказни, до она што како непобитна вистина ја носи во себе Библијата. Тоа е она што и авторот го нагонува на одмерена прецизна и строга реч, тоа истото го тера читателот со особена почит да приоѓа кон делото – рече претседателот на стручното жири, Трајче Кацаров.

Годинава се одбележува и 65-годишницата од востановувањето на наградата.

– Никогаш не сум имал намера да пишувам поема, затоа што сметав дека никој од нас писателите не сме биле достојни на тоа духовно ниво како Прличев во своето време. Но, ете и тоа се случи благодарение на Прличев во оној момент кога се зафатив да го проучувам и да ја пишувам драмата „Совршенство или смрт“ посветено нему, бидејќи догодина се навршуваат 125 години од смртта на поетот, кој македонската поема ја издигна на едно европско и светско ниво – рече лауреатот Пејковски.

Стихови од поемата читаа актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов, а свој настап имаше и хорот при Центарот за култура.

Се одржа и драмска презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски.

„Прличеви беседи 2017“ продолжува утре со панихида на гробот на Прличев, a ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид.