Надминат проблемот со увозот на брашното од Србија, Љајиќ и Николовски постигнаа договор


       
Скопје, 7 март, 2018 - 14:46 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и српскиот  министер за трговија, Расим Љајиќ кој денеска беше на работен состанок во Скопје, потпишаа Договор согласно кој, за брашно од 1,2 и 5 килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се лепат во Македонија.

На овој начин, Николовски и Љајиќ го надминаа проблемот со увозот на брашно од Србија.

Николовски по работниот состанок изјави дека ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми помеѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата. Тој додаде двете држави ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања.

Љајиќ изјави дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го решат овој проблем. Целта на двете земји, како што кажа, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра годинава да достигне една милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречеките.

– Покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери –  рече Љајиќ.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно ќе биде сменет уште денеска.