!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Надлежните делумно го чистат снегот од патиштата и од улиците во Тетово и во околината


       
Тетово, 5 јануари, 2017 - 16:12 (META) 

Патните правци кон некои шарпланински села не се доволно исчистени, а во Тетово од снег се чистат само главните улици, велат граѓани од Полошкиот Регион.

– Патот што води кон нашето село, Селце на Шар Планина, не се чисти. Треба локалните власти повеќе да се ангажираат и да ги чистат патиштата од снегот. Некои возила не можат да се движат по овој пат – вели жител на Селце.

Жителите на Тетово велат дека во градот од снежните наноси се чистат само главните улици, а за споредните улици и за сокаците, според нив, никој не води грижа.

– Не се чисти. На улиците има снег, сега се најавува пониска температура, сè ќе замрзне, ќе биде лошо, ќе се лизга, ќе искршиме и раце и нозе и сè – вели жителка од Тетово.

Од Општина Тетово, и покрај поплаките на граѓаните, велат дека во рамки на можностите ги одржуваат улиците во градот и патните правци што водат кон селата од Шар Планина.

„Снежните врнежи продолжуваат со висок интензитет. Сообраќајот во градот се одвива слободно, но во зимски услови. Расчистени се и проодни се градските булевари, кружните текови во градот, како и споредните улици. Исто така, проодни се и патиштата кон селата Шипковица, Бродец, Вешала, Бозовце, како и влезните делови на селата Расадиште, Гајре и Лисец. Проблеми се појавуваат во патниот правец Селце – Вејце, каде поради дефект на механизацијата, ангажирана е дополнителна механизација, која се очекува да го оспособи патот“, стои во писменото соопштение на Општина Тетово испратено до медиумите.

Градските власти апелираат граѓаните да не излегуваат без никаква потреба со возила, да не го фрлаат снегот на улица и да не се паркираат паралелно низ улиците. Поради непрекинатите снежни врнежи, целата механизација, како и човечките капацитети, како што посочуваат од Општинате, ќе работат непрекинато до нормализирање на патниот сообраќај.

Автопатиштата низ Западна Македонија се проодни, а сообраќајот непрекинато се одвива и кон скијачкиот центар Попова Шапка, каде има воведено забрана за тешка товарни возила.