Надлежните без конкретни рокови за завршување на автопатот Миладиновци – Штип


       
Штип, 4 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Дождливите денови во јуни и свлечиштата што се појавија на одделни делници, го пролонгираа рокот за завршување на автопатот Штип – Миладиновци, кој се гради веќе петта година. Ова е објаснувањето од директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, кој не даде прецизен одговор кога автопатот ќе биде завршен – кон средината на овој месец, во ноември или сепак ќе се почека.

– Се работи на клучката кај Три Чешми. За некои десетина дена асфалтирањето на патот комплетно завршува. Во меѓувреме забрзано се работат еластичните огради, поставувањето на мрежите, одводните канали. Значи автопатот Миладиновци-Штип е во завршна фаза и ќе биде пуштен согласно очекувањата и препораките од надзорот – рече Китанов.

Китанов и министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески денеска беа во увид на градежните работи на експресниот пат Штип – Радовиш, на кој видливо забрзано се работи. Трасата е целосно пробиена, а завршува првата фаза од реката Брегалница до клучката кај Бучим, со што се завршени 10 проценти од патот.

– Трасата е комплетно завршена и веќе може да се очекува да се градат завршните делови. Во меѓувреме заврши тендерот за рехабилитација на споредниот регионален пат и кога возилата ќе се движат по оваа траса, тој ќе биде асфалтиран за да не претрпи дополнителни оштетувања – изјави Китанов.

Експресниот пат Штип – Радовиш, што го гради „Штрабаг“ и чини 47 милиони евра, се очекува да биде готов за две години.