Повеќе од 30 компании заинтересирани да станат нови сопственици на „Џумајлија“


       
Свети Николе, 9 септември, 2015 - 18:17 (META) 

Повеќе од 30 домашни и странски компании се заинтересирани за закуп на земјиштето што му беше дадено на контроверзниот индискиот бизнисмен Субрата Рој во Лозово, потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, кој денеска беше во посета на Свети Николе и на Овчеполието.

Со распишаниот меѓународен тендер за закуп, се прави нов обид да се најде концесионер за некогашното земјиште на АД „Џумајлија“ во стечај. Од 4.800 хектари земјоделска површина, околу 200 хектари ќе бидат понудени на малите земјоделци во регионот, кои и сега го работат земјиштето.

Според огласот, заинтересираните домашни и странски инвеститори до 9 октомври ќе можат да ги доставуваат своите бизнис-понуди, по што ќе се одржи јавна електронска аукција.

Министерството за земјоделство пред извесно време ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра и го раскинa договорот со Субрата Рој за „Џумајлија“, кој требаше да донесе првични инвестиции од 211 милиони евра.

Индискиот бизнисмен во март минатата година, беше уапсен затоа што на инвеститори не им вратил повеќе од две милијарди фунти, на кои незаконски им биле продавани обврзници.

Според договорот, компанијата на бизнисменот Рој беше должна за три години да набави 20.000 крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари беше предвидено да се произведува добиточна храна, да се одгледува стока и да се направи регионална млекарница во која дневно требаше да се произведуваат 80.000 литри млеко.