!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На штипскиот универзитет му се потребни 200 нови вработувања, вели ректорот Боев


       
Штип, 14 март, 2017 - 17:26 (META) 

На Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип му се потребни 200 нови вработувања на млад, образован кадар, за зголемување на квалитетот на наставата. Меѓутоа, и покрај тоа што Министерството за финансии дало одобрување за дел од овие нови вработувања, актуелниот статус кво во државата по изборите, не дозволува овие вработувања докрај да се реализираат. Ова го вели ректорот на Универзитетот, кој идната недела ќе прослави 10 години од постоењето.

– Нам ни се потребни можеби и 200 соработници во делот на вежбите, практичната работа со студентите. Можеби оваа бројка во квантум изгледа многу, но треба да се сфати дека имаме потреба од млади, од тоа да го подмладиме и да го развиеме универзитетот во насока на подобро и поквалитетно образование, бидејќи само образование кое вреди треба да се даде на студентите – рече ректорот Блажо Боев.

За овие десет години на штипскиот универзитет поминале меѓу 25.000-30.000 студенти. Меѓутоа, како што вели ректорот Боев, оваа бројка не минува 3.500 дипломи на прв циклус на студии, околу 500 на вториот и 50-60 дипломи на третиот циклус на студии.

– Значи, станува збор за една млада високообразовна установа, која со сите проблеми што ги има, со сите недоречености, незаокружената кадровска структура, недостигот на многу голема бројка на млади, пред сè асистенти и професори, мислам дека сепак, добро се носи со сите предизвици – вели Боев.

Деновиве почнуваат манифестациите за одбележување на јубилејот. Настаните ќе се заокружат со свечената академија на 23 март, на која ќе настапат Влатко Стефановски, Тони Китановски и Никола Ристановски. Ќе биде промовиран и филмот „10 години УГД“, во продукција на Филмската академија на УГД.