!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

На барање на обвинителството, судот му го укина притворот на Зоран Божиновски


       
Скопје, 14 јули, 2017 - 11:58 (META) 

На барање на јавното обвинителство, Кривичниот суд Скопје му го укина притворот на новинарот Зоран Божиновски, обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена.

Како што соопшти денеска Основниот суд Скопје 1, судијката Ленка Давитковска, која го суди предметот против Божиновски, на денешната главна расправа го прифатила предлогот на јавниот обвинител за укинување на притворот.

На Божиновски, додаваат од судот, наместо притвор му се одредени мерки за обезбедување присуство во текот на постапката, како што побарал обвинителот.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изминативе неколку месеци повеќепати апелираше да се укине притворот и на Божиновски да му се овозможи да се брани од слобода.

Сопственикот на „Буревесник“ во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април минатата година, тој беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница и оттогаш се наоѓа во притвор.