На 8 јули и во Атина протест за одбрана на „Македонија“


       
Атина, 6 јуни, 2018 - 15:22 (META) 

По денешните протести низ северна Грција, протест за одбрана на името „Македонија“ ќе има и во Атина, на централниот плоштад Синтагма, на 8 јули, само неколку дена пред Самитот на НАТО.

Протестот во Атина, како што пишува весникот „Прото тема“ го организира Здружението за заштита на правата на Власите кои зборуваат грчки (Влахофоните) во Македонија и Здружението за заштита на Хеленска Македонија.

Двете здруженија ги повикуваат граѓаните да порачаат дека не може да се преговара за грчкиот карактер на Македонија и дека „Македонија е една и единствено грчка“.

Од двете здруженија уште додаваат дека за вакво сериозно прашање, како што е името на соседната земја, треба да се прашаат грчките граѓани, и тоа не само оние што живеат во земјата, туку и грчките иселеници.

Оттаму се закануваат дека ако грчкиот Парламент го усвои договорот за решавање на името, надвор ќе бидат граѓаните со порака дека „нивното име е нивна приказна“.