На 22 август започнува судењето за упадот во Собранието од 27 април


       
Скопје, 28 јуни, 2018 - 16:38 (META) 

Судијката Добрила Кацарска за 22 август во 10 часот го закажа стартот на судскиот процес за случувањата од 27 април минатата година, кога повеќе лица упаднаа во Собранието при што беа повредени пратеници, новинари и граѓани.

„За предметот кој беше оформен по одобрувањето на обвинителниот акт поврзан со настаните од 27 април 2017 година кои се случија во Собранието, ја информираме јавноста дека предметот е насрочен за 22 август во 10 часот. Закажани се вкупно 37 термини за главната расправа за што веќе се изготвуваат наредби за спровод за обвинетите кои се наоѓаат во куќен притвор како и покани за останатите странки во предметот“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1-Скопје.

Само во август ќе има пет термини за судење, односно ќе се суди на 22, 23, 24, 27 и 31 август, а термини се одредени и за септември, октомври и за ноември.

Со обвинителниот акт се опфатени 30 лица, но само двајца од нив ќе одговараат за помагање, додека другите ќе одговараат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, согласно член 313 од Кривичниот законик на РМ.

Меѓу обвинетите се и пратениците Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубчо Димовски, Љубен Арнаудов, но и екс-министерот Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, оперскиот пејач Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски.