МЗШВ: Земјоделците можат да поднесат барања за легализација на фармите до крајот на 2018


       
Скопје, 23 ноември, 2018 - 13:02 (META) 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информираше дека до крајот на годинава, земјоделците можат да достават барања за легализација на изградените објекти, фарми на градежно земјиште.

„Барањата за легализација треба да се поднесат во општините на живеење. Продолжувањето на рокот е со цел да им се излезе во пресрет на големиот број на граѓани, вклучително и на земјоделците, кои досега не ја завршиле постапката за легализација“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму информираат дека, до сега бројот на земјоделските стопанства и чии што објекти се легализирани е исклучително мал, и поголем број од истите ја немаат искористено можноста која ја имаше понудено законот.

„Нерегулираниот статус на објектите за земјоделска намена на градежно земјиште негативно влијае на можноста за модернизација и реструктуирање на земјоделските стопанства кои се занимаваат со сточарство и ги оневозможува стопанствата во користење на државната финансиска помош за земјоделството. Можноста за легализација на фармите е од голема важност за земјоделците. Со стекнување имотни листови, самите фарми ќе добијат и финансиска вредност, која што земјоделците ќе можат да ја искористат за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на фармите. Воедно, со легализацијата ќе можат да остварат право за аплицирање за мерките од ИПАРД-програмата и од Националните програми, што ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството“, се додава во соопштението.