МЗШВ: Нова субвенција од два денари за килограм откупени сливи


       
Скопје, 14 август, 2018 - 15:36 (META) 

Владата на денешната седница донесе одлука за воведување на нова мерка за стабилизирање и решавање на проблемот со откупот на сливи, информираше на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Сите правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи, кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 година од домашно производство, ќе добијат субвенција од два денари по килограм за откупени сливи. Одлука стапува на сила со објавување во Службен весник.

– Оваа нова мерка, ќе го поттикне договорениот откуп на произведената слива од родот 2018 и ќе ја подобри конкурентноста на домашната преработувачка индустрија. Субвенцијата ќе важи за количините на сливи кои ќе се откупат до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм индустриски сливи. Исто така, новата субвенција ќе ја добијат и оние откупувачи кои ќе откупат свежи сливи, со кои што на еден од состаноците што ги одржа тимот од МЗШВ, е договорено откупната цена за оваа слива да не биде пониска од осум денари за килограм – изјави Николовски.