МЗШВ: Невремето предизвика штета на 5.000 хектари земјоделска површина во Овчеполието


       
Свети Николе, 14 јуни, 2018 - 15:19 (META) 

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со локалните власти, излегоа на терен, во увид на штетите врз земјоделските посеви, по вчерашното невреме во овчеполскиот регион.

Според првичините проценки во регионите на општините Лозово и Свети Николе,  од невремето е предизвикана штета на површина од околу 5.000 хектари.

„Претставниците од МЗШВ реализираа средби со градоначалниците на овие општини. Бидејќи освен штети врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјални штети, локалните власти денеска организираа итни состаноци на Советите и денеска формираат Комисии за проценка на штетите, кои ќе извршат проценка на предизвиканите штети од невремето проследено со силен дожд, град и ветер. Засега е утврдено дека има штета на земјоделските површини како лозови насади, површини со житни култури и зеленчук, но и материјална штета на објекти и приватни имоти. Селото Црниште од вчера е без струја и вода“, се вели во соопштението на МЗШВ.