МВР: Полицајката сама се удрила од пајакот, Асани само вербално ја нападнал


       
Скопје, 2 март, 2018 - 12:19 (META) 

Полицајката Јасмина Јаначковска која вчера имаше инцидент со функционерот на ДУИ и поранешен претседател на огранокот во Чаир, денеска била примена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, извести МВР.

Притоа, според соопштението, таа пред министерот кажала дека не била удрена од Асани, кого долго време медиумите го посочуваат како учесник во некои физички инциденти, туку дека самата се удрил од пајакот.

МВР вчера извести дека „со Б.А. е извршен разговор во полициската станица Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир“.

Според денешното соопштение, Спасовски се сретнал со полициската службеничка Јасмина Јаначковска, за лично да се информира за вчерашниот настан, а полицајката рекла дека била вербално нападната од сопственикот на возилото Б.А.

„Пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници“, рекла Јаначковска, пренесува МВР.

На прашањето од министерот  дали имало било каков физички контакт и зошто полициската службеничка побарала медицинска помош, Јаначковска објаснила дека со Б.А. „имала само вербална расправија, меѓутоа  при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во ГОБ Св. Наум Охридски“, тврди МВР.

Спасовски порачува дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално, согласно нивните  законските овластувања.

– Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР, ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите – вели Спасовски.