!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МВР поднесе кривична пријава против полицаецот што пукаше во малолетниците


       
Скопје, 13 август, 2017 - 14:57 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава и поведе дисциплинска постапка против полицаецот кој застрела и рани двајца малолетници во Струмица.

Како што соопштија денеска од МВР, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршените проверки утврдил дека „полицаецот неосновано, неоправдано и неправило употребил огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција“.

„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека ги осудуваат обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти.